Полипите на матката се израстоци прицврстени на внатрешниот ѕид на матката, кој се протега во празнината на матката. Пролиферацијата на ендометријалните клетки доведува до формирање на полип на матката, познат и како ендометријален полип. Полипите на матката можат да се поделат во две групи: ендоцервикални полипи и ендометријални полипи.
Ендоцервикалниот полип најчесто е резултат на хронични воспалителни процеси, се наоѓа во грлото на матката и е издолжен израсток со тенко стебленце. Често може да се најдат и аденомиоми, фиброаденоми и полипозен аденокарцином, па затоа е многу неопходен микроскопски преглед за да се постави правилна дијагноза.
Ендометријалните полипи се доста чести, најчесто тие не се вистински неоплазми, туку последица на ограничените жаришта на хиперплазија. Полипите се обично бенигни, иако некои можат да бидат канцерогени или да се претворат во канцер (преканцерозен полип).
Големината на полипите на матката може да се движи од неколку милиметри до неколку сантиметри. Можно е да има еден или повеќе полипи на матката. Тие обично остануваат таму, но повремено може да се лизнат низ цервиксот (грлото на матката) во матката.
Полипите на матката најчесто се јавуваат кај жени во климактериум и менопауза, иако се присутни и кај помлади жени.
Симптоми на полипи на матката
Симптомите на полипи на матката вклучуваат:
Неправилно менструално крварење – на пример, чести, непредвидливи менструални периоди, различни по времетраење и сериозност.
Крварење помеѓу менструациите
Прекумерно тешки менструации
Вагинално крварење по менопаузата
Неплодност
Некои жени може да доживеат само мало или слабо крварење, па дури и да бидат без симптоми. Полипите на грлото на матката се чести и безопасни, но доколку ги забележите горенаведените симптоми веднаш одете на лекар бидејќи слични симптоми се јавуваат и кај ракот на грлото на матката.
Не ризикувајте. Лекарот ќе ве упати на гинеколошки преглед на вагината и земање на цервикален брис. Побарајте лекарска помош доколку имате:
Вагинално крварење по менопаузата
Крварење помеѓу менструациите
Нередовно менструално крварење.
Причини за полипи на матката
Иако точната причина за полипи на матката е непозната, хормоналните фактори се чини дека играат главна улога.
Полипите на матката се чувствителни на естроген, што значи дека реагираат на естроген на ист начин како и слузницата на матката – тие растат како одговор на циркулирачкиот естроген.
Лекување на полипи на матката
Малите полипи без симптоми (асимптоматски) можат сами да поминат. Лекувањето е непотребно освен ако не постои ризик од рак на матката.
Во други случаи, лекувањето може да вклучува неколку опции:
Лекови – Одредени хормонски лекови, вклучително и прогестин и агонисти на гонадотропин-ослободувачки хормон, можат да ги намалат полипите на матката и да ги ублажат симптомите. Но, земањето такви лекови обично е краткорочно решение. Симптомите обично се повторуваат по прекинот на лекот.
Киретажа – може да се користи како лабораториско испитување за време на дијагнозата или полипите може да се отстранат со оваа процедура. Лекарот може да направи киретажа со помош на хистероскоп, кој му овозможува да ја испита матката пред и по процедурата.
Хируршко отстранување (хистероскопија) – за време на оваа процедура, лекарот користи хистероскоп за да ја испита внатрешноста на матката, да ги идентификува полипите и да ги отстрани. Отстранетите полипи може да се испратат во лабораторија за микроскопско испитување.
По хистероскопијата, истиот ден одите дома. Хистероскопијата обично се изведува без аналгезија и анестезија, но доколку е потребно, можете да примите локален анестетик пред да започнете со процедурата. Операцијата се планира веднаш по менструацијата.
Не смеете да имате секс два дена пред процедурата. Можете да јадете нормално навечер и наутро пред процедурата, но не јадете еден час претходно. Непосредно пред процедурата се прави тест за бременост. Доколку почувствувате силна болка за време на постапката, задолжително известете го докторот и постапката ќе биде прекината. Целата процедура трае во просек помеѓу 15 и 30 минути.
Треба да бидете во можност да се вратите на вообичаените активности следниот ден по процедурата. Може да почувствувате блага болка или грчеви слични на менструалните грчеви. Ако болката не се смири дури и со помош на аналгетици, јавете се на лекар. Може да крварите од вагината 7-10 дена по процедурата. Нормално е да имате пообилен исцедок до 2 недели по процедурата.
Сексуалниот однос се препорачува да се практикува по следната менструација.
Доколку полипот содржи канцерогени клетки, вашиот лекар ќе разговара со вас за следните чекори во евалуацијата и лекувањето. Ретко, полипите на матката може да се повторат. Во овој случај, можеби ќе бидат потребни повеќе третмани.
Природно лекување на полипи
Иако се работи за бенигни израстоци, најбезбедно е да се лекуваат кај гинеколог. Ви пренесуваме три природни рецепти за отстранување на полипи на матката.
1.Природен лек за лекување на полипи на матката е мешавината од мед и чуваркуќа. Потребно е да се смелат 300 грама листови од чуваркуќа и да се измешаат со 500 грама мед. Оставете ја смесата една недела во фрижидер. Секое утро потоа земајте една лажичка од смесата пред појадок.
2. Измешајте 3 лажици шипки и коприви со две лажици брусница. Прелијте со два и пол децилитри врела вода и поклопете. По два часа, процедете и консумирајте во мали голтки. Пожелно е да се консумираат три шолји чај дневно. По 21 ден терапијата се прекинува.
3. Лажица кисел трн (шимширика, лат.Berberis vulgaris) прелијте со два децилитри тврела вода и поклопете. По 15 минути добро процедете го напитокот. Канадскиот берберис се користи за плакнење на вагината секоја вечер до целосно закрепнување.
[…] Повеќе за ова прочитајте на порталот „Мајка и дете“. […]