Поради теоријата за „портокаловата кора“, паровите масовно раскинуваат – дали вашата врска може да го помине овој трендовски тест?

Меѓу најновите трендови кои одекнаа на Тик-Ток е таканаречената теорија на портокаловата кора. Можеби на почетокот ќе помислите дека станува збор за некој кулинарски трик, но овојпат портокалот е поврзан со меѓучовечките односи.

За што се работи? Зад споменатиот тренд, кој со хаштагот има повеќе од 35 милиони прегледи, стои идејата која ја вклучува способноста да го разберете вашиот партнер и неговите чувства. Се заснова на склоноста на партнерот да прави едноставни работи за вас, како што е на пример, лупење портокал, без разлика дали сте го побарале тоа од него или не.

Низ платформата на социјалните мрежи се појавија видеа со корисници кои ги поттикнуваат своите партнери да излупат портокали за нив, со други зборови, бараат помош за нешто што лесно би можеле да го направат и сами.

Значењето на малите гестови во партнерската врска

„Теоријата на кора од портокал се фокусира на идејата дека малите чинови на услуга не се само за самата акција, туку и за тоа што таа претставува во врската“, рече Кејт Труит, овластен психолог и применет невролог, додавајќи дека наведените дела сигнализираат грижа, љубов и посветеност, а повторувањето на чинот го подобрува целокупното здравје и среќа на врската.

Овие гестови, често едноставни и навидум секојдневни, се всушност клучни за поттикнување љубов, поддршка и трајно партнерство.

Оваа теза ја потврдува и друга регистрирана советничка во здружението за психотерапија.

„Сите потсвесно бараме сигнали од партнерот за да се увериме во неговата наклонетост“, изјавила Џорџина Штурмер, регистрирана советничка.

Овие сигнали имаат подлабоко значење, односно тие се знак дека нашите партнери знаат што ни се допаѓа, а што не и дека се подготвени да дадат сѐ од себе за да придонесат за успехот на врската.

Зошто малите гестови се белег на добра врска

„Редовните, позитивни интеракции се основни за создавање чувство на сигурност, доверба и емоционална поврзаност“, вели Труит.

Постојаното изразување на вашата љубов не само што ќе докаже дека вашиот партнер се грижи за вас, туку и ќе ви овозможи да се чувствувате доволно пријатно за да навлезете подлабоко во врската и да ја подобрите. Љубезните гестови како наводнување на домашно растение помагаат да се изгради позитивна емоционална атмосфера која потоа предизвикува ослободување на виталните невротрансмитери како окситоцин, допамин и серотонин. Докажано е дека овие хемикалии ги зајакнуваат позитивните чувства, а со тоа и емоционалните врски.

„Освен што обезбедуваат моментално чувство на задоволство и радост, малите дела на љубезност делуваат на зајакнување на основата на врската и сопственото чувство за себе“, објаснува психологот, додавајќи дека многумина од нас носат во себе внатрешен критичар кој ни кажува дека ние не заслужуваме љубезност, но сепак, кога нашиот партнер нуди убав збор или гест, тоа ја зајакнува врската, ја подига самодовербата и самопочитта.

Иако популарната култура ги слави како големи, гестовите како што е на пример, предлогот за брак на врвот од некоја монументална зграда како Емпајер Стејт Билдинг, или на плоштад, она што е навистина важно и влијае на квалитетот на врската се токму оние секојдневни мали гестови кои буквално ѝ кажуваат на саканата личност „се грижам за тебе“.

Примери за теоријата на портокалова кора

Иако теоријата за портокалова кора е јасно заснована на одредена акција, концептот се однесува на поширока категорија на однесување: секојдневни акти на нежност кои можеби нема веднаш да ви го привлечат вниманието, но со текот на времето даваат прилично јасна слика за статусот на вашата врска. Примери за овие секојдневни напори, според Штурмер, вклучуваат чистење на валкани чизми по прошетка, земање на партнерот од автобуската станица кога врне дожд, полнење гориво во семејниот автомобил кога е при крај, итн. Клучот е во тоа што едноставниот гест оди ненајавено и може да не биде директно побаран. Други примери може да вклучуваат миење садови или земање на поштата. Во теоријата на портокаловата кора, паровите може да вклучуваат активно слушање, изразување на благодарност, мали гестови на наклонетост како што се држење за раце или прегратки, поддршка за време на фазата на стрес и други.

Како да му ја објаснам теоријата на портокаловата кора на мојот партнер?

Важно е да се напомене дека секој има поинаков начин на изразување на својата благодарност и наклонетост. Меѓутоа, ако има нешто што теоријата на портокалова кора докажала, тоа е дека малите, конзистентни чинови на љубезност сигурно помагаат да се пренесе пораката дека некој ви значи. Па, како можете да бидете сигурни дека вашиот партнер го знае ова? Психологот Труит дава неколку примери:

„Често најдобриот начин да го поттикнете однесувањето е да го моделирате самите“, вели таа, објаснувајќи како правењето мали дела на љубезност кон партнерот, од оставање белешка на хартија до топла прегратка, демонстрира еден вид приврзаност.

Исто така, смета дека комуникацијата е исклучително важна за развивање добра врска.

„Важно е да се разбере дека целта на секој разговор е да се подобри врската, а не да се критикува партнерот. Затоа, треба да го изберете вистинското време и опкружување за да го започнете разговорот, да се фокусирате на позитивните аспекти на вашата врска и да бидете конкретни во вашите желби. Притоа, можеби ќе треба да ви биде јасно за какви мали гестови зборувате“, вели Труит.

Зборувањето за тоа што го спречува вашиот партнер да ги задоволи вашите потреби е исто така добра основа за врска. Имено, можеби вашиот партнер е загрижен дека ќе ве изнервира со некој гест. Затоа, отворената и директна комуникација е секогаш важна.

Реакции на трендот на Тик-Ток

За споменатиот тренд на портокалова кора се оставени многу коментари. Некои се жалат на недостаток на лупачи на портокал во нивните животи, други дури пишуваат дали нивните врски треба да продолжат или не, а некои се охрабрени од овој тренд навистина подлабоко да ги разгледаат врските и како тие самите придонесуваат за нивниот квалитет. Сепак, повеќето се согласуваат дека малите дела на љубезност навистина значат сè.