Илија Јовановиќ е претседател на здружението „Градиме иднина“ кое неодамна започна нов проект кој третира еден горлив проблем – судбината на посвоените деца. Насловот на проектот гласи: И ти имаш право да ги знаеш своите биолошки родители!
Илија е поранешен штитеник од домот за доенчиња и мали деца Битола, кадешто бил сместен до петтата година од животот, кога го префрлиле во Домот 11-ти Октомври во Скопје.
Тој ги знае своите родители, но вели дека им бил одземен од држвата затоа што неговата мајка била болна, а татко му бил алхохоличар кој постојано ја тепал и ја малтретирал мајката, а него се обидел да го убие со нож. Ова му го раскажувале подоцна луѓе кои живееле во соседството.
„Немам никакви сеќавања за мојот живот во домот за доенчиња и мали деца во Битола, сликата е бледа и темна, без ниту еден спомен, а единствениот спомен на кој се сеќавам е денот кога ме донесоа од Битола во Скопје. Памтам дека многу плачев, незнаев каде се наоѓам и не можев да се смирам. Кога ме однесоа во соба, цел ден си ја удирав главата во зид и плачев. Незнам како се смирив тој ден“, раскажува Илија.
Вели дека и натамошниот живот во домот не му бил едноставен. Децата, без оглед на тоа дали биле за таму или не, повеќето биле запишувани во специјални училишта: „Ние децата немавме право на избор каде сакаме да се запишеме. Мене ме запишаа во „Лазар Танев“, кадешто учев за готвач, па потоа го засакав готвењето и готвев заедно со готвачките во домот кои ме подучуваа.
Средношколските денови ги поминував во рамките на домот, немав другари надвор од него. Го одржував зеленилото и чистев, помагав во кујната, се учев да готвам, постојано бев со магационерот и возачот кој беше снабдувач на храна и зеленчук. Мојот детски живот помина во работење, уште од мал, собирав и стара хартија, корпи од јајца, старо железо, добивав џепарлак за тоа, а и домот ме плаќаше по 2.000 денари за одржување на дворот, чистев, ја косев тревата, садев цвеќиња, дрвја, наводнував со вода заедно со другите деца, како и други работи. Целата заштеда ја претварав, тогаш во германски марки и потоа со таа заштеда си купив шпорет и фрижидер и дел средствата ми беа за преживување.
Накусо, немав среќен и нормален живот. Додека бев во домот, најважна личност ми беше матичната воспитувачка сега која е веќе почината, наставниците, магационерот, возачот, куварките од кујната кој ме учеа да готвам и хаус-мајсторите на кои им помагав во домот, но најмногу моите другари и другарки со кои растевме во домот и се викавме меѓусебе браќа и сестри“, вели Илија.
Кога станал полнолетен и дошло време да го напушти домот, како што вели, со една торбичка во рака и 20 илјади денари од домот во рака, бил многу исплашен и загрижен за тоа како и каде ќе продолжи понатаму.
„Домот, државата не исфрлија од домот кога наполнивме 18 години. Те бркаат на улица, под ведро небо, само со една торбица во рака и 20.000 денари и решение да го напуштиш домот до 12 часот. За време на летниот одмор во јули 1998 година, јас и моите браќа и сестри, вкупно 15 штитеници, се најдовме во кругот на домот со торбите и парите во раце, бевме исфрлени како кучиња на улица, без вработување и без покрив над глава. Дури неколку наставници ни повикаа полиција за да не избркаат од дворот. Само јас во тоа време, пред сите други, бев вработен во АД Жито-лукс, кадешто се јавив на конкурс и со помош на тогашниот директор Александар Симески и Тони Мицајков, се вработив 25.март 1998 година како дистрибутер на леб. Оттогаш почна и мојата борба за сите нас, да не вработуваат компаниите за да не бидеме на улица. Со тие 20.000 денари, што попрво да направиш, дали да се прехраниш, да платиш сметки, барем еден кревет да купиш за да не спиеш на подот. Имаше моменти кога ми идеше да си го одземам животот. Си велев, биолошките родители ме создале само за да се мачам сам, без никој свој“, се сеќава Илија.
Сепак, наместо да паѓа во депресија и да се убива, решил да се ангажира и да отпочне со својата голема борба за правата на лицата без родители.
„Основавме здружение кое ни го финансираше и ни помогна да го формираме покојниот Александар Симески и така се роди „ГРАДИМЕ ИДНИНА“. Оттогаш работиме на многу теми и проблеми на сите групи граѓани, особено, на лицата без родители и социјалните семејства“, раскажува нашиот соговорник.
Инаку, тој самиот ги запознал своите родители, од мајката која за првпат дошла да го види кога бил во Домот 11 Октомври, се срамел, се криел, бегал и не сакал да ја види затоа што го оставила во дом.
„Татко ми исто го имам запознаено, тој бил воено лице и тежок алхохоличар и сега е починат. Имам полубрат по мајка и други роднини, но со никого немам никаков контакт. Сега започнувам потрага за да ги најдам моите блиски роднини и од двете страни, бидејќи ме загрижува можноста некое од моите три деца еден ден, незнаејќи, да се вљубат во нивни први братучеди, во роднини од иста крв“, вели Илија.
Овој 45-годишен човек е веќе 15 години во брак со 34-годишната Добринка од Кочани со која се запознале на Интернет. Ги имаат ќерките Матеа (14) и Елена (6) и синот Филип (9).
„Мојата сопруга не е дете од дом, ниту пак од социјално семејство. Се запознавме преку Интернет, од времето кога имаше МИРЦ и постојано комунициравме. Кога ја запознав, само едно ме загрижуваше, да не ѝ забранат нејзините да се гледа со мене затоа што сум поранешен штитеник од дом и без родителска грижа. Но, тој проблем во мојот живот го немав. Родителите на сопругата треба да бидат пример за сите други затоа што сфатија дека нашата љубов е голема и не се обидуваа да не разделат. Успеав да ѝ го освојам срцето на Добринка и да ја прелажам да се омажи за мене и заедно сме веќе 15 години“, се смее Илија.
Неговото семејство, вели, за него е најголемо богатство.
„Од чесна работа и мирен сон, нема подобро. Тоа што сум го немал јас сега се трудам да го имаат моите деца. Работам како хаус-мајстор, и пекар, работам сѐ од градежни работи, градинарство, готварство, молерски услуги, водовод, како и одржување на хигиена на станови и куќи, канцеларии и подрумски простории. Кујната и готвењето ми се мое хоби и моја жиботна желба.
На моите деца многу им е жал поради мојата судбина за која сум им раскажувал. Често ги носам до „11 Октомври“ и им раскажувам како сум живеел и како сум растел“, раскажува Илија.
Новиот проект на неговото здружение за него е многу важен токму поради судбината што ја делел со многу други деца без родители.
Тој апелира да не се одвојуваат браќа и сестри кога се даваат на посвојување, туку да одат заедно, за да не се случи некогаш понатаму во животот да се сретнат и да се вљубат, како што има веќе еден случај на брат и сестра кои живеат надвор од Македонија, а незнаејќи дека се брат и сестра стапиле во брак.
„Нашата заложба е дека секој има право да знае кои му се биолошки родители. На социјалните мрежи постои група која има скоро 90 илјади членови, претежно посвоени лица кои трагаат по своите биолошки родители, браќа, сестри или роднини. Нашата цел е да го промениме Законот за семејство или поточно член 123-а, кој посвојувањето го третира како службена тајна или строго доверливо.
Ние сметаме дека државата треба да им овозможи на посвоените деца, на одредена возраст да имаат законска можност да дознаат кои им се биолошките родители. Сега, податоците за родителите што се откажале од нивните деца се чуваат во Државниот архив и не се достапни за децата, а ние инсистираме ова да се смени и продолжуваме со активностите во оваа насока и во другите градови“, завршува Илија.