Што е постпородилна депресија и кога се јавува?

Овој текст е наменет за сите кои сакаат да дознаат повеќе за постнаталната депресија. Може да биде корисно за жените кои мислат дека можеби ja имаат, за бремените жени кои се загрижени дека би можеле да ја добијат, како и за партнерите, семејството и пријателите, да научат повеќе за депресијата што ги погодува нивните блиски.

Што е постнатална депресија?

Постнаталната депресија е депресивна состојба која погодува 10-15% од жените кои ќе добијат дете. Симптомите на депресија се вообичаени, лошо расположение и сите придружни симптоми кои траат најмалку 2 недели. Во зависност од тежината на симптомите, можете да најдете сила да се грижите и за себе и за вашето дете. Од друга страна, понекогаш и наједноставните задачи може да изгледаат несовладливи.

Понекогаш постои очигледна причина за постнаталната депресија, но не секогаш. Се чувствувате расеано, дури и вина затоа што не се чувствувате среќни по раѓањето на детето. Ако е така, важно е да запомните дека постпородилната депресија може да ѝ се случи на секоја жена во вашата ситуација и дека тоа не ве прави лоша личност или мајка.

Никогаш не е доцна да побарате помош. За поблаги симптоми, семејството и пријателите можат да бидат многу корисни. Доколку симптомите на депресија се изразени, треба да побарате стручна помош.

Кога се појавува?

Времето на создавање варира. Обично започнува еден до два месеци по породувањето, понекогаш и по неколку месеци. Околу една третина од жените имаат симптоми веќе за време на бременоста кои продолжуваат и по породувањето.

Кај многу мајки по породувањето може да се јават плачливост, тага, напнатост, загриженост, умор и слично. За ова се смета дека се заслужни големите промени во хормоните, кои настануваат по породувањето, но постанаталната депресија не е исто со овие промени на расположението. Тоа е многу посериозна состојба. За разлика од другите мајки, чии чувства се стабилизираат и почнуваат да уживаат во радоста на мајчинството, мајките кои страдаат од постпородилна депресија стануваат се потажни и позагрижени.

Најчесто постнаталната депресија започнува во првиот месец по породувањето, но кај некои жени може да се јави и после неколку недели, па и месеци после породувањето. Овие жени во почетокот уживале и се радувале грижејки се за своите бебиња, но постепено почнале да стануваат се подепресивни.

Времетраењето на постпородилната депресија варира од неколку недели до неколку месеци, а понекогаш и подолго.

Симптоми на постпородилна депресија

Лошо расположение
Многу негативни мисли
Чувство дека не сте добра мајка и дека бебето не ве сака
Чувство на вина
Чувство дека не можете да се справите со проблемите
Нервоза
Замор, недостаток на енергија
Несоница, тешкотии при заспивање, рано будење
Губење на апетит
Губење на интерес, неможност за уживање, дури ни во бебето
Анксиозност – зголемен пулс, тахикардии, потење и отежнато дишење.
Претеран страв дека бебето ќе се разболи, дека не напредува, дека е премногу тивко, дека ќе престане да дише, дека ќе му наштетите и дека нема надеж да се чувствувате подобро.
Избегнување на други луѓе
Безнадежност
Веднаш побарајте лекарска помош доколку имате желба да се повредите себеси!


Однос со бебето:

Се чувствувате виновни затоа што ги немате чувствата што ги очекувавте.
Недостаток на љубов и блискост со бебето
Тешкотии во препознавањето на потребите на бебето
Префрлање на вината на бебето
Иако се плашите дека ќе го повредите вашето дете, ретко се случува тоа навистина да се случи. Но, ако се чувствувате така, споделете го тоа со некого!

Бебето во вашиот живот значи голема промена и во ред е да имате различни и измешани чувства. Многу родители во првите 3-4 дена чувствуваат нервоза, вознемиреност, промени во расположението и најчесто ова престанува околу десеттиот ден. Лошото расположение не е автоматски знак за депресија!

Кој е изложен на ризик да развие постнатална депресија?

Жени кои имале проблеми со депресија во минатото
Жени кои имале проблеми со нервоза и депресија за време на бременоста
Жени кои немаат поддршка од семејството или пријателите
Жени кои се под дополнителен стрес

Превенција?

Превенција како таква не постои, но однесувањето за време на бременоста што е пожелно вклучува:

Не се заморувајте.
Посетувајте обука за бремени жени.
Разговарајте со бремени жени или родилки за нивните искуства.
Не престанувајте со лековите без совет од лекар.
Прифатете помош од семејството и пријателите
Помогнете си себеси

Кажете некому како се чувствувате
Одморете се, наспијте се.
Јадете редовно
Опуштете се, правете работи што ве прават среќни.
Не користете алкохол, дрога
Поврзете се со жени кои имаат слични проблеми, придружете се на групи кои се занимаваат со постнатална депресија

Што значи третман на постнатална депресија?

Третманот на постнаталната депресија вклучува психотерапија, а понекогаш и лекови (исто така има и антидепресиви кои не се контраиндицирани за употреба кај жени кои дојат).

Како можат да помогнат ближните и семејството кога мајката е во пост-породилна депресија

Важно е да разберете дека мајката е болна.

Разговарајте со лекар, за подобро да Ви помогне да ја сфатите природата на оваа болст. Кога ќе разберете дека се работи за болест и кога ќе научите како можете да помогнете, ќе се чувствувате подобро.

Запомнете дека оваа состојба на мајката е привремена. Со текот на времето ќе се чувствува подобро.

  • Разговарајте со неа и укажете и на можноста да побара лекарска помош.
  • Придружувајте ја на посетите кај лекарот.
  • Не и велете да се прибере самата себе си. Ако можеше, таа ќе го направеше тоа
  • Помогнете ѝ околу домашните обврски, како и со обврските околу бебето.
  • Ако се плаши, бидете со неа.
  • Охрабрувајте ја и потсетувајте ја дека ќе и биде подобро.
  • Ако се работи за вашата сопруга, обратете ѝ внимание како на жена, не само како на мајка на вашето бебе. Најдете некој да го причува бебето и одвојте време за да го поминете заедно со неа.
  • Веројатно и вам ви е тешко да ја гледате во таква состојба. Сепак обидете се да ја разберете и да не се чувствувате огорчено или отфрлено. Неа навистина ѝ е потребна целата ваша поддршка.

бебемајкапостпородилна депресијаризицисимптоми