Повеќе од половина од инфарктите кај помладите жени не се поврзани со затнати артерии

Кога станува збор за срцеви удари, повеќето луѓе веднаш помислуваат на затнати артерии и згрутчувања на крвта што го блокираат протокот на крв во срцето. Ова е најчестата причина, но новите истражувања покажуваат дека приказната не е толку едноставна, особено кога станува збор за помлади жени.

Научниците од познатата клиника Мајо во Соединетите Американски Држави проучувале 1.474 случаи на срцеви удари кај луѓе под 65 години, собрани помеѓу 2003 и 2018 година во Минесота. Тие анализирале медицински картони и скенирања на срцето и ја откриле главната причина за секој напад. Кај мажите, она што се очекувало било потврдено – во 75 проценти од случаите причината била атеротромбоза, или затнати артерии. Но, кај жените, овој процент бил значително помал, само 47 проценти. Со други зборови, повеќе од половина од срцевите удари кај жените се јавуваат од други причини.

Причини за срцеви удари кај помладите жени

Овие „други причини“ често се многу потешки за идентификување. Тие вклучуваат спонтана дисекција на коронарна артерија (SCAD), кога доаѓа до пукнатина во ѕидот на артеријата во која се собира крв, потоа, емболија – згрутчувања што доаѓаат од други делови од телото и различни стресори како што е анемијата. Особено загрижува податокот дека многу случаи на SCAD првично погрешно им се припишуваат на затнати артерии. Ова се случувало речиси шест пати почесто кај жените отколку кај мажите, што значи дека тие често примале терапии кои не биле ефикасни, па дури и штетни.

– Оваа студија покажува дека причините за срцеви удари кај жените често остануваат непрепознаени. Ако не се пронајде вистинската причина, третманот може да биде и погрешен – објаснила кардиологот Клер Рафаел. Нејзиниот колега Раџив Гулати додава дека лекарите треба да бидат повеќе свесни за состојби како што се SCAD, емболија и стрес, додека пациентите треба да поставуваат прашања и да инсистираат на објаснувања кога чувствуваат дека нешто не е во ред.

Зошто овие разлики се јавуваат кај мажите и жените, студијата не открила. Можно е факторите на ризик да влијаат на жените различно или пак тие поретко бараат медицинска помош. Ова е тема за идни истражувања, но она што веќе е познато е дека некој во Соединетите Американски Држави доживува срцев удар на секои 40 секунди, а ризикот се зголемува поради урбаниот начин на живот, исхраната и загадувањето на воздухот.

Научниците се согласуваат за едно нешто

Сепак, има добри вести. Медицинската технологија, особено снимањето на срцето, значително напредна, што им помага на лекарите побрзо и попрецизно да го дијагностицираат проблемот и да спречат повторување.

Пораката од научниците е јасна: подеднакво е важно да се третираат последиците од срцевиот удар и да се разбере зошто се случил на прво место. Особено е важно жените и лекарите да бидат свесни дека срцевиот удар не мора секогаш да биде резултат на затнати артерии – понекогаш се во игра многу посложени и подмолни механизми – наведува истражувањето објавено во Journal of the American College of Cardiology.

помлади женисрцев удар