Гилда Спортиело, пратеничка во италијанскиот Парламент, која во претходниот мандат успешно лобираше за усвојување на правило кое ќе им овозможи на жените да гласаат и да дебатираат додека дојат, додека бебињата не наполнат 12 месеци, е и првата жена која го направи тоа. Имено, на 7 јуни таа стана првата жена која го доела своето новороденче во Долниот дом на италијанскиот Парламент.
Спортиело покажа дека тоа не е и не треба да биде табу. Таа седна со синот Федерик во горните редови, учествувајќи во гласањето за јавната администрација и во еден момент почна да го дои двомесечното момче, а колегите ја почестија со аплаузи.
Претседавачот Џорџо Муле рече дека ова е прв пат да се случи вакво нешто и истакна дека сите присутни им даваат целосна поддршка на мајката и синот. Муле ѝ честиташе на Гилда за раѓањето на детето, посакувајќи му добредојде во салата и „долг, слободен и мирен живот“.
Таквиот настан не е секојдневие во многу земји, но во италијанскиот парламент во кој традиционално доминираат мажи, наиде на громогласно одобрување од пратениците, пишува Ројтерс.
Италијанската пратеничка е членка на популистичкото движење Movimento 5 Stelle (Движење Пет ѕвезди) заедно со таткото на бебето, Рикардо Рикардо.
Доењето во јавност е контроверзна тема која постојано предизвикува полемики и поделени ставови, па многу мајки не се осмелуваат да го направат овој чин.