Прегратката е биолошка потреба всадена во нашиот код

Денес, животот е брз. Часовникот го диктира денот, често трчаме еден покрај друг и немаме време да го запреме времето и да се прегрнеме растоварено, чувствувајќи ја целосната лековитост на прегратката. Децата со прегратка растат поздрави и постабилни, создавајќи „корени“ кои ќе им помогнат за време на силните ветришта на животот.

Како прегратките влијаат на нашето здравје и колку можат да го променат животот, како и какви прегратки има – е тема за која пишувал и Срѓан Зиројевиќ, спортски стручњак, професионален фудбалски тренер, со специјализација во перформансите и рехабилитацијата на спортистита, човек кој се усовршувал преку образование во различни области преку курсеви по традиционална кинеска медицина, неврологија, биохемија, фармакологија, невербална комуникација, хипнотерапија, зоологија…

„Луѓето со кои нашата прегратка трае подолго, но и носи во себе одреден притисок врз нашата кожа, со нив сме поблиски, тоа им е јасно на сите. Тоа не е случајно, милиони рецептори во кожата реагираат и произведуваат одредени импулси кои патуваат до различни региони на мозокот за неколку милисекунди.

Рецепторите во нашата кожа реагираат на притисок, вибрации, топлина, студ, болка… Постои и посебен вид на нервни завршетоци кои се специјализирани исклучиво за нежен и пријатен допир. Регистрираат дали ни се допаѓа допирот или не. Овие рецептори припаѓаат на класата на механорецептори со низок праг, а нивниот поголем број се наоѓа на грбот и рамената како и на лицето.

Тие се поврзани и со регулирање на емоциите. Децата кои не добиваат доволно прегратки во детството имаат поголем број на физички и психички потешкотии во зрелоста, како и потешкотии да ги покажат своите и да ги разберат туѓите емоции.

Очигледно ни треба некој да не прегрне, тоа е биолошка потреба вградена во нашиот код“.

Како прегратката влијае на нашето здравје?
Науката потврдува дека прегратката може да го намали стресот, да го зголеми чувството на сигурност и блискост и да го подобри менталното здравје. При гушкање, особено личност со која сме особено блиски, во нашето тело се ослободува хормонот окситоцин, познат како „хормон на љубовта“.

Прегратката е нашата биолошка потреба

Поради зголемувањето на љубовниот хормон се намалува нивото на кортизол – хормонот на стресот. На тој начин нашето тело се опушта, а физички и психички се чувствуваме полесни и подобри.

Освен тоа, прегратките влијаат и на намалување на крвниот притисок и отчукувањата на срцето. Тоа значи дека прегратките можат да го спречат раниот почеток на срцевите заболувања и да го намалат ризикот од оваа опасност.

Исто така, можно е да се зајакне имунолошкиот систем со прегратки, бидејќи како што покажале студиите – редовните прегратки ја поттикнуваат активноста на белите крвни зрнца кои се одговорни за борба против воспалението. Ова значи дека посреќните луѓе се поздрави луѓе!

Прегратките можат да ни го подобрат животот

Чувството дека некој е тука за вас, но и дека сте помогнале некому да се чувствува подобро, секако ќе влијае на вашето расположение, а исто така може позитивно да влијае и на самодовербата – бидејќи чувството на поддршка и љубов што доаѓа со прегратките во голема мера ја менува самопочитта кај човекот.