Премногу лекови, ултра-преработена храна и премногу вакцини се главните виновници за хроничните болeсти кај децата

Комисија предводена од американскиот секретар за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор објавил извештај во кој се вели дека преработената храна, хемикалиите, стресот и прекумерното препишување лекови и вакцини би можеле да бидат фактори за хронични заболувања кај американските деца.

Извештајот на комисијата, именувана по социјалното движење „Направи ја Америка повторно здрава“ (Make America Healthy Again или MAHA), се фокусира на она што се нарекува национална криза на растечки стапки на детска дебелина, дијабетес, рак, нарушувања на менталното здравје, алергии и невроразвојни нарушувања како што е аутизмот.

Според Кенеди, постои консензус меѓу членовите на комитетот да се даде приоритет на она што тој го нарекува криза со ултра-преработена храна и да се работи на подобрување на храната што ја јадат американските деца.

Во извештајот, исто така, се истакнуваат студии што ги поврзуваат здравствените нарушувања кај луѓето и животните со хербицидите глифосат и атразин, но не се повикуваат на специфични регулаторни промени или ограничувања за пестицидите што се користат во земјоделството. Се наведува дека овие хемикалии треба дополнително да се истражат.

Во извештајот се критикува американскиот пристап кон вакцините кај децата, истакнувајќи дека на европските деца им се препорачува да примаат помалку вакцини. Се бара спроведување студии за влијанието на вакцините врз хроничните детски болести и повредите предизвикани со вакцинацијата.

Кенеди, како долгогодишен скептик за вакцините, со години промовира побиени теории за безбедноста на вакцините кои се спротивни на научните докази.

Питер Лури, претседател на Центарот за наука во јавен интерес, надзорно тело за храната и здравјето, рекол дека извештајот ги рециклира долгогодишните загрижености на Кенеди, од вакцини до масла од семиња.

Ултра-преработена храна
Прехранбената индустрија соопштила дека регулаторите темелно ги разгледуваат адитивите во спакуваната храна. Американското здружение на одгледувачи на соја го критикувало извештајот, за кој рекле дека е „целосно составен зад затворени врати“ и неточно сугерира дека пестицидите и соините масла придонесуваат за негативни здравствени последици.

„Ги обесхрабруваме луѓето да консумираат масла здрави за срцето и ги охрабруваме наместо тоа да користат масти што ќе ги направат помалку здрави и ќе ги чинат повеќе во процесот“, рекол директорот на ASA, Алан Медоус, одгледувач на соја.

Марион Нестле, професорка по исхрана на Универзитетот во Њујорк, за Ројтерс изјавила дека извештајот е „разорна критика за она што им се случило на американските деца“.

„За да се справат со основните причини за условите детално опишани овде, оваа администрација ќе треба да се соочи со големите прехранбени, фармацевтски, земјоделски и хемиски компании и да ги принуди електраните на јаглен да ги намалат своите емисии. Голем дел од ова е спротивно на агендата на MAGA, а уништувањето на сојузните агенции нема да помогне“, вели таа.

Во извештајот се повикува на зголемен надзор и истражување на безбедноста на лековите и здравствените исходи во детството, како и на клинички студии што ги споредуваат диетите со интегрална храна и оние со преработена храна кај децата. Дефиницијата за ултра-преработена храна е жестоко дебатирана, додека извештајот ги опишува овие прехранбени производи како индустриски произведени производи.

Во извештајот се наведува дека клучните производи на таканаречените „големи прехранбени компании“, што обично се однесува на компании како Крафт Хајнц, Нестле и ПепсиКо, се ултрапреработени. Крафт Хајнц произведува кечап Хајнц и макарони со сирење Крафт, Нестле произведува замрзнати пици и оброци под брендовите Stouffer’s и Lean Cuisine, додека ПепсиКо е сопственик на Frito-Lay, компанија за солени грицки.

Во извештајот, исто така, се наведува формулата за доенчиња како ултра-преработена храна што предизвикува загриженост.

Притисок од земјоделското лоби
Пред објавувањето на извештајот, лоби групите за земјоделски производи предупредија дека критикувањето на одредени земјоделски практики може да ја попречи соработката во здравствената програма на администрацијата и да го загрози производството на храна.

Според извор запознаен со прашањето, лобистичките групи вршеле силен притисок врз администрацијата да не ги споменува пестицидите во извештајот.

Шефот на Агенцијата за заштита на животната средина (EPA), Ли Зелдин, во телефонски разговор со новинарите изјавил дека земјоделците се клучни партнери во спроведувањето на програмата MAHA и дека сите промени во регулативите за пестициди треба внимателно да се разгледаат.

Америкадецаздравјеизвештај