Некои родителски изјави и реченици, иако добронамерни, можат да имаат негативно влијание врз децата, на долг рок.
Психологот д-р Џули Фрага, со повеќе од 20 години искуство во работа со родители, истакнува дека многу такви реченици се научени уште во детството и се пренесуваат несвесно. Тие можат да ја обликуваат самодовербата на детето, односите и начинот на кој тоа се справува со предизвиците. За среќа, никогаш не е предоцна да го промените вашиот пристап.
Еве шест од најчестите родителски реченици кои доколку ги употребувате во комуникацијата со децата, би требало да се преиспитаат.
„Ако се потрудиш, можеш да постигнеш сè“
Оваа изјава звучи мотивирачки, но може да создаде лажни очекувања. Децата можат да почнат да веруваат дека неуспехот е целосно нивна вина. Наместо тоа, подобро е да ги научите децата дека напорот е важен, но дека не можеме секогаш да контролираме сè. Успехот не е само крајниот резултат, вреди и да се обидеме.
„Не смееш да бидеш себичен“
Иако сакаме децата да бидат дарежливи, важно е да знаат дека е во ред понекогаш прво да мислат на себе. Одбивањето да играат кога се уморни или им треба пауза не значи дека се лоши деца. Тоа е форма на грижа за себе. Таквата здрава себичност помага да се изгради самодоверба, пишува CNBC.
„Само треба да гледаш од поведрата страна“
Позитивниот став може да помогне, но ако постојано инсистираме детето да „биде среќно“, тоа може да почне да ги потиснува своите емоции. Наместо тоа, подобро е да признаете кога работите се тешки и да му покажете на вашето дете дека е во ред да се чувствува тажно, луто или разочарано. Отвореното зборување за чувствата гради отпорност.
„Можеш ти сè сам“
Независноста е важна, но барањето помош е исто така вредна вештина. Децата на кои постојано им се вели дека мораат сè сами да направат може да почнат да веруваат дека барањето поддршка е знак на слабост. Многу поздрав пристап е да се поттикне независноста, а воедно да се разјасни дека не е срамно ниту да се побара помош.
„Големите деца не плачат“
Плачењето не е знак на слабост, туку начин телото и умот да реагираат на стрес, тага или фрустрација. Кога им кажуваме на децата дека солзите се срамни, тие можат да научат да ги потиснуваат своите емоции, што го отежнува донесувањето здрави одлуки на долг рок. Дозволете им да ги изразат своите чувства преку солзи.
„Секогаш е најдобро да се биде искрен“
Искреноста е основа на секоја врска, но има моменти кога мала, невина лага е оправдана, како на пример кога сакаме да поштедиме нечии чувства. Децата треба да бидат научени да ја разликуваат лагата што е навредлива и лагата што е кажана од љубезност. Разговорот за ова помага да се изгради доверба и разбирање.