Кога 83-годишниот Харисон Форд неодамна беше прашан дали планира да се пензионира, тој одговори без да трепне: „Не. Тоа е една од работите што ја направи глумата толку привлечна за мене. Тоа што се потребни и стари актери за да играат улоги на стари луѓе“.
Оваа една реченица кажува повеќе за инклузијата на старите лица отколку повеќето корпоративни прирачници.
Во свет каде што конечно почнуваме да го славиме целокупниот спектар на човечки искуства и идентитети, време е да ја прошириме таа прослава и на годините. Сепак, премногу често, сè уште го слушам истото досадно прашање, кое се шепоти по салите за состаноци во управните одбори или патем, изговорено со кафе: „Кога планираш да се пензионираш?“
Не ги прашуваме младите професионалци кога планираат да дадат отказ од работа. Па зошто ги прашуваме постарите луѓе?
Ова прашање не е само застарено. Полно е со претпоставки. Имплицира дека староста значи пад, дека искуството значи небитност и дека можностите имаат рок на траење. Тоа е прикриен ејџизам и во многу работни средини, сè уште една од последните општествено прифатливи предрасуди.
Во организацијата „The Female Quotient“, веруваат дека инклузијата не е еднодимензионална. Таа е интерсекциска, еволуирачка и се живее во текот на целиот животен век. Вклучувањето на постарите работници не е врзано за задржување на минатото, туку за дизајнирање работно место кое функционира во секоја животна фаза.
Податоците кажуваат сè:
Повеќе од 80 проценти од раководителите се согласуваат дека повеќегенерациските тимови ги подобруваат деловните перформанси.
Поттикнувањето на возрасната разновидност и обезбедувањето повеќе можности за постарите работници би можело да го зголеми БДП по глава на жител за околу 19 проценти во следните три децении (OECD).
Сепак, само осум проценти од организациите ја вклучуваат старосната возраст во своите стратегии за работна сила. Иако до 20230 година, 25 проценти од работната сила во САД ќе биде постара од 55 години.
„Bain & Company“ предвидува дека 150 милиони работни места низ целиот свет ќе треба да се префрлат на постари работници до крајот на оваа деценија.
И тоа не е фуснота. Тоа е стратегија за управување со таленти која заслужува насловна страница.
Вистинското прашање е „како можеме да ти помогнеме да напредуваш?“
Постарите вработени не носат само години искуство. Тие носат институционално знаење, културна меморија, емоционална интелигенција и поширока перспектива што може да ја донесе само времето.
Тие не го „гасат светлото“ – тие преминуваат на повисоко ниво.
Тие не се минато. Тие се мост кон иднината. Затоа, ајде да го свртиме наративот.
Наместо полека да ги исфрламе од системот, да инвестираме во раст во секое животно доба.
Наместо да ги туркаме кон излезот, да отвориме нови врати – флексибилни улоги, втори кариери, „повратнички“ позиции во одборите, менторска работа помеѓу генерациите.
Да престанеме да претпоставуваме дека лидерството изгледа само на еден начин и на една возраст, бидејќи иднината на лидерството е – по самата своја природа – мултигенерациска.
Што функционира денес
Компаниите кои размислуваат однапред, се однесуваат вака:
Одржуваат разговори за останување – кои се водат пред талентот да одлучи да си оди
Иновативни парови – каде што консултантите од генерацијата Z се спаруваат со топ менаџери (ниво Ц)
Бенефити прилагодени на животните фази
Други кариерни патишта – кои им овозможуваат на искусните професионалци да преминат во стратешки и целно насочени улоги
Ова не се „меки“ бенефити. Ова се паметни бизнис стратегии. Компаниите што ги прифаќаат ќе бидат оние што ги задржуваат и ги развиваат најдобрите умови – на секоја возраст.
Затоа, следниот пат кога ќе бидете во искушение да прашате некого кога планира да се пензионира, застанете и размислете што навистина прашувате:
Дали навистина го цените нивниот придонес?
И прашајте нешто различно: Која е твојата следна голема идеја? Какво влијание сакаш да оствариш? Како можеме да те поддржиме да продолжиш да напредуваш?
Затоа што возраста не е пречка, туку предност што треба да се прифати.
Да ги пензионираме предрасудите – не луѓето.
И да изградиме работни места што ја вреднуваат мудроста, целта и растот – на секоја возраст и во секоја фаза од животот.