Радовишанката Билјана Шукриева има 44 години и две ќерки, 21-годишната Нада која студира на медицинскиот факултет во Скопје, отсек логопед и 16-годишната Васија која учи во средното училиште за мода и дизајн во Струмица. За време на бременоста со Нада таа добила силна алергија на сонце. Во тој период била вработена во фармацевтска куќа за производство на лекови и козметика, но ниту таму не си го нашла лекот.
„Во 2001 година бев бремена со мојата прва ќерка и добив толку агресивна алергија на сонце што сите деловите од телото кои не беа заштитени од облека ми се иритираа, кожата ми поцрвенуваше, се појавуваа пликови и многу ме чешаше. Дерматологот беше ограничен со изборот на терапијата затоа што бев бремена и ништо од тоа што ми препиша не ми помогна.
Мојата баба правеше крем на природна база, од свинска маст и билки, па од очај посегнав по нејзината крема и на мое изненадување наскоро чешањето и црвенилото се намалија. Бидејќи имав проблем со тешкиот мирис на свинската маст, почнав да истражувам и наскоро ја направив и мојата прва крема со мали модификации на рецептот од баба ми. Успеав да направам добро избалансиран крем, кој идеално ѝ одговара на мојата кожа и го користам веќе 21 година. Не би ја менувала за ниедна друга“, ни раскажа Билјана искрено за тоа како почнала да произведува органска козметика.
Подоцна, кога нејзината постара ќерка во периодот на пубертетот имала проблем со акни, Билјана додала во кремот алое и направила одличен крем против акни, кој многу ѝ помогнал на Нада да си го исчисти лицето од акните.
Бидејќи правела поголеми количини од кремата, почнала да им подарува од неа и на блиски луѓе, тие пак задоволни од кремата, почнале да им ја препорачуваат и на нивни пријатели и ја поттикнале Билјана да почне да ја прави и за продажба и тоа да биде нејзин дополнителен извор на финансии.
Така некако сосема спонтано и без план се родила идејата да почне свој бизнис.
„Во производството и продажбата сега многу ми помагаат моите ќерки Нада и Васија. Произведувам 4 вида на креми, и тоа:
РУСА, против брчки, наменета за возрасна кожа, АЛОЕ, тоа е онаа крема против акни која ја правев и за ќерка ми и е наменета за млада проблематична кожа, потоа АНТИАЛЕРГИСКА, се разбира, од моето искуство со алергијата и
КОНОП крем наменет за релаксација и масажа“, вели Билјана која ни откри дека во моментот работи и на нов крем против попуштени вени, на база на див костен.
„Живееме во време кога 80 отсто од населението имаат алергии, па мора да се побара спасот во природните лекови, како и во природната козметика.
Знаеме дека кожата е најголемиот орган на телото и дека треба соодветно да се негува и третира, а бидејќи сѐ уште имаме чисти планини, каде што можат да се најдат лековити билки кои се користат во органската козметика, навистина би било штета да не ги искористиме тие благодети и да не си помогнеме. Ова не важи само за оние со алергии, туку сечија кожа заслужува природна нега“, категорична е Билјана.
Во основата на нејзиниот крем е природен восок и етерични масла, а во зависност од намената, вклучува и различни активни билки во секоја крема. Состојките ги набавува на локалниот пазар во родниот Радовиш, а доаѓаат од планината Плачковица. Вели дека нејзините сограѓани ја поддржуваат со тоа што голем дел од нив ги користат нејзините креми.
Сепак, оваа амбициозна жена има поголеми планови и сака да го прошири пазарот и надвор од Радовиш и да се посвети попрофесионално на оваа дејност.
Токму затоа и на иницијатива на Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција со којка се запознале во 2021, за време на пандемијата, решила да ја посетува Академијата за жени-претприемнички и да го унапреди својот бизнис.
„Лиле од Руралната коалиција го препозна квалитетот на мојот крем и во неколку наврати ме промовираше и ме поддржуваше со купување на моите креми за себе или како подарок за други жени. Знаеше дека немам пласман и бизнис план, па затоа ми предложи да ја посетувам оваа Академија која се состоеше од 13 модули кои се работеа етапно во период од три месеци и навистина многу ми помогна да ги согледам своите пропусти и да направам бизнис план. Ова, а верувам и за другите жени кои ја посетуваа заедно со мене, беше едно прекрасно и корисно искуство. Многу научив од модулите, но многу научив и од искуството на овие прекрасни жени, упорни и истрајни во својата работа, жени кои не се откажуваат од својот сон – да го направат подобар животот на своето семејство, но и на околината. Жени за почит“, вели Билјана.
А дека станува збор за уште една вредна жена со големи планови, зборува и тоа што Билјана, освен со производство на органски креми, сезонски се занимава и со производство и продажба и на домашен ајвар, малиџано и, како што вели, по некое слатко.
„Ова го работам веќе 8 години бидејќи работата е сезонска, а добро се заработува. Ајварот го продавам во Радовиш, но имам муштерии и во повеќе европски држави каде што живеат нашите иселеници желни за вкусот на традицијата. Немам многу слободно време, затоа што сум и вработена во компанијата „Адиент“, како оператор на машина, но кога имам време, најмногу ме одмара и релаксира читањето книги, дружењето со пријателите и секако, со семејството. Горда сум на моите прекрасни ќерки и семејството кои се мојата поддршка и сила, а посебно сум горда што ова лето станав и тетка на прекрасната Лиана“, завршува нашата соговорничка.
Иако не сме ги пробале, судејќи по изгледот на нејзината кожа, сигурни сме дека нејзините креми од природни состојки имаат навистина магичен ефект.