Има мноштво здравствени и психолошки студии кои ги разгледуваат ефектите од разводот врз децата и како последиците понекогаш се чувствуваат децении подоцна, но децата чии родители се развеле понекогаш може да бидат и телесно погодени – и тоа не само додека се мали.
Научниците од САД и Канада пронајдоа докази дека пензионерите чии родители се развеле пред повеќе децении имаат поголема веројатност да доживеат мозочен удар отколку нивните врсници чии родители останале заедно.
„Дури и откако се земени предвид заедничките фактори на ризик за мозочен удар, како што се пушењето, физичката неактивност, дебелината, дијабетесот, депресијата, приходите и образованието, постарите возрасни лица чии родители се развеле кога тие биле деца имале многу поголема веројатност да доживеат мозочен удар отколку нивните врсници чии родители не биле разведени“, вели Филип Бајден од Универзитетот Тексас во Арлингтон.
„Како долгогодишен истражувач на негативните искуства од детството и социјалните детерминанти на здравјето, верувам дека оваа студија дава дополнителни информации за долгорочните ефекти од детската траума врз мозокот на возрасните“, рекол Бајден, кој работел со научниците од Универзитетот Тиндејл и Универзитетот во Торонто на избор на податоци кои покриваат 13.000 лица постари од 65 години во Соединетите Американски Држави, за трудот објавен во медицинското списание PLOS One.
Наодите се последни во низата што објаснува како здравото детство е важно за благосостојба подоцна во животот и ги следат трудовите објавени минатата година кои покажале дека децата кои не спијат доволно имаат поголема веројатност да станат зависници од дрога кога ќе пораснат, и како „силните врски“ со родителите им помагаат на децата кои ги вознемируваат материјали на социјалните мрежи, пишува Индекс.
Тим предводен од Универзитетот во Оксфорд објави труд оваа недела во списанието Nature Medicine во кое објаснува како околината и начинот на живот, вклучително и во детството, играат поголема улога од генетиката во одредувањето на здравјето и ризикот од рана смрт како што луѓето стареат.
„Изложеноста во раниот живот е посебно важна бидејќи покажува дека ефектите од околината го забрзуваат стареењето на рана возраст“, рекла Корнелија фон Дујн од Оксфорд.