Поминуваме многу време грижејќи се за тоа колку време поминуваат нашите деца пред екранот. И експертите и родителите стравуваат дека поминувањето премногу време пред екраните ги прави децата асоцијални, депресивни, анксиозни… А родителите ќе се колнат дека тоа е вистина и дека тоа го гледаат кај нивните деца. А потоа ќе го земат мобилниот, објаснувајќи им на децата дека „треба само малку да се опуштат, да го одморат мозокот“.
Ах, значи истите правила не важат за нив? Или само родителите ги поставуваат правилата, па затоа? Една студија ја сврте ситуацијата, укажувајќи дека родителите треба да бидат исто толку внимателни во користењето на сопствените екрани кога се во близина на нивните деца – не само затоа што даваат лош пример, туку затоа што тоа објективно ги прави полоши родители.
Студијата била заснована на прашалници пополнети од родители со најмалку две деца на возраст од 5 до 18 години, а резултатите покажале дека користењето на времето пред екранот како средство за релаксација е всушност поврзано со лошото родителство и дека родителите кои доживувале поголем психолошки стрес имаат тенденција да користат екрани почесто, особено за релаксација. Лошото родителство вклучувало однесувања како што се само понекогаш спроведување на правилата во зависност од расположението на родителот, викање на детето, приговарање за ситници и кажување непријатни работи за детето да се чувствува лошо.
Технологијата како излез
Кога децата се однесуваат лошо, родителите понекогаш користат технологија за да се повлечат од ситуацијата. А кога сме повеќе преокупирани со медиумите и екраните, може да претераме, да имаме помалку трпение за нашите деца. Таквите родители имаат поголема веројатност да се „повлечат“ наместо да дејствуваат кога децата се однесуваат лошо. Ако сме занесени во нашите телефони, поверојатно е да се тргнеме настрана и да се повлечеме кога детето има излив на бес, наместо да бидеме присутни и да се справуваме со ситуацијата.
Тоа не значи дека секаков вид на посветување на внимание на медиумите е поврзано со лошо родителство. Истражувачите открија дека користењето на медиуми за одржување на социјалните врски – на пример, праќање пораки, видео разговор и испраќање е-пошта на пријатели – всушност е поврзано со доброто родителство, како што е расположување на детето кога е тажно, обезбедување грижа и внимание на детето и слушање на неговите идеи и мислења. Ова има смисла бидејќи социјалната поврзаност е всушност важна за позитивен, присутен пристап и пристапност. Исто така, има многу случаи кога децата спијат или отсуствуваат, кога е во ред да го гледате вашето омилено ТВ-шоу или да одвоите неколку минути за да „просурфате“.
Проблемот се јавува кога ви е тешко да се опуштите без вашиот телефон, па на крајот останувате на социјалните мрежи кога му требате на вашето дете. Ако редовно го користите телефонот за да се опуштите, обидете се со некои други методи за релаксација, како што се слушање музика или читање книга. Не се оптоварувајте ако одвреме навреме се релаксирате со екрани пред вашите деца. Сите сме виновни по тоа обвинение. Но, ако зјапате во екранот кога на децата им требате најмногу, можеби е време да најдете нови начини за опуштање – барем додека децата не отидат во кревет.
Три едноставни трикови за родителите да стекнат поздрави навики за поминување време пред екраните
1. Набавете кутија за оставање на мобилните телефони после 17 часот
После 17 часот или кога ќе се вратите дома од работа, сите уреди ставете ги во кутијата додека децата не заспијат.
2. Користете родителска контрола – за себе.
Има доволно контроли на екранот што можете да ги користите за детето, но во овој случај за себе. Погледнете во поставките за опции за следење или инсталирајте таква апликација. Таа ќе ве предупреди кога ќе претерате.
3. Организирајте вечер за игри
Дали сакате да бидете пример? Вклучете во распоредот на вашето семејство забавни вечери кои мора да бидат без присуство на екрани.
[…] Повеќе за ова прочитајте на порталот „Мајка и дете“. […]