Оваа зима многу родители почнаа да го копираат скандинавскиот стил на воспитување, кој подразбира оставање на бебињата и малите деца да спијат на отворено, односно на ниски температури.
Луѓето ширум светот ја прифаќаат идејата дека нивните деца ќе спијат подобро благодарение на студот, па Инстаграм и Тик-Ток се преплавени со видеа на оваа тема.
Во клиповите што ги споделуваат родителите, бебињата се покриени во топлите колички и спијат пред кафулињата и во парковите. Други ги одржуваат детските соби поладни со отворање на прозорците или со вклучување климатизери.
Оваа практика е доста честа појава во нордиските земји, а е стара повеќе од 100 години. Поточно, почнала да се практикува откако епидемијата на туберкулоза, која го зафатила Исланд на почетокот на 20 век, била отежната поради лошата вентилација на станбените згради.
Во 2010 година, исландскиот лекар Дејвид Торстинсон објавил едукативна книга во која тврди дека родителите треба да ги остават своите деца да спијат надвор во колички за да добијат свеж воздух, дури и на ладно време, за да го зајакнат нивниот имунолошки систем.
Традицијата се пренесува од генерација на генерација, а вообичаено е да се видат колички со заспани бебиња оставени пред куќи, станови, па дури и пред локални бизниси во земји како Норвешка, Данска и Исланд.
Една американска мајка која живее во Данска објаснува: „Данската практика бебињата да спијат надвор во колички не е само културна норма, туку дури и препорачана од акушерките и медицинските сестри“.
Се вели дека свежиот воздух ги одржува бебињата здрави и им помага да спијат подобро, а дремењето во колички на отворено се практикува на сите временски услови.
„Вообичаено е да го оставите бебето да дреме надвор додека одите на шопинг или седите во кафуле. Родителите секогаш внимаваат или имаат бебе монитор во количката. Бебињата не се киднапираат затоа што никој не сака да одговара за туѓото дете , особено кога здравствениот систем прави се што може за да му помогне на секој што сака да има свое бебе со мали или без никакви трошоци“, вели таа.
Децениските истражувања го поврзуваат изложувањето на студ со огромен број придобивки, вклучително и зајакнување на имунолошкиот систем, додека финската студија од 2008 година покажала дека децата „дремат подолго надвор во споредба со тоа кога се во затворени простории“.
Сепак, постои ризик од хипотермија на студено време; експертите велат дека од клучно значење е децата да бидат добро облечени и завиткани во топли слоеви кога се надвор.
„Температурата на бебињата може да падне четири пати побрзо од онаа на возрасните и тие можат да станат хипотермични“, предупредува педијатарот Џенифер Шу.