Според указот потпишан од претседателот Владимир Путин оваа недела, титулата ќе им биде доделена на оние кои ќе родат и ќе одгледуваат 10 руски државјани, а ќе добијат сума од еден милион руски рубљи (околу 16.000 евра) кога 10-тото дете ќе наполни една година.
Во него се наведува дека на децата мора да им се обезбеди „соодветно ниво на здравствена заштита, тие мора да се образуваат и да се развиваат физички, духовно и морално“. Сите 10 деца мора да бидат живи, освен ако не загинале за време на воена, службена или цивилна служба или во терористички напад, пишува CNN.
Титулата Мајка хероина е востановена во 1944 година и се доделувала до распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Победниците ќе го добијат Орденот на петкрака ѕвезда. Мајките хероини се еднакви со оние кои ја добиваат титулата Херој на Руската Федерација за храброст или оние кои се наградени како херои на трудот за служење на државата.
Демографски предизвик
Бројот на работоспособни жители на Русија се намалува од 2010 година, покажуваат податоците на ОН. Аналитичарите долго време истакнуваат дека опаѓањето и стареењето на населението во земјата веројатно ќе го ограничи растот во наредните децении. Прогнозата на Economist Intelligence Unit, објавена претходно оваа година, проценува дека до 2050 година вкупното население на Русија би можело да се намали за 8,4 отсто во однос на нивото од 1995 година.
Нападот на Русија врз Украина на 24 февруари го забрза негативниот тренд. Населението на Русија се намалило за рекордни 86.000 луѓе месечно од јануари до мај, пишува „Москва тајмс“, повикувајќи се на официјални податоци. Претходниот рекорд беше пад од 57.000 луѓе месечно во 2002 година.
Иако Русија претрпе големи загуби од почетокот на инвазијата, податоците на државната статистичка агенција Росстат покажуваат пад на бројот на смртни случаи од година во година, поврзувајќи го падот на населението со миграцијата и намалувањето на наталитетот. Росстат вели дека вкупното население сега изнесува 145,1 милиони.