Некои деца понекогаш избегнуваат да јадат зеленчук, но таткото Леви Џенсен најде можно решение. Користејќи креативен пристап, тој го прави зеленчукот попривлечен. На Инстаграм сподели трик кој може да им помогне на родителите да поттикнат здрави навики во исхраната кај децата.
Имено, Џенсен на разни свежи производи лепи налепници со ликови од познати цртани филмови, а потоа ја става храната во кутија од која неговата двегодишна ќерка Арија може да си ја избере ужината. Во видеото се гледа како таа без размислување одбира црвена пиперка украсена со Елса и Ана од Фрозен.
„Овој трик често се користи за да се привлечат децата кон ултра-преработена храна. Па зошто да не го искористите за да ја направите привлечна здравата храна“, напишал тој.
Видеото стана вирално со преку 9 милиони прегледи, а родителите се воодушевени. „Не се шегувам, ставив Фрозен налепници на јогуртите кои моите деца не сакаа да ги јадат и наеднаш им се допаднаа“, вели една мајка.
„Јас го правам истото со моето дете. Имам кутија полна со налепници со автомобилчиња и камиони во оставата“, додала друга.