Ако не знаете што е Паркур, ќе ви објасниме, тоа е вештина на движењето чија цел е да се стигне од точка „А“ до точка „Б“ што е можно побрзо поминувајќи ги, поточно, речиси прелетувајќи ги сите препреки што ви стојат на патот.
Всушност, Паркур е ноќна мора на сите мајки и баби, а можеби и на татковците и дедовците кои се обично похрабри кога треба да се поддржат децата во некои вакви екстремни активности и спортови.
Јас како мајка, веќе го преживеав тој кошмар и иако звучи чудно, бев среќна кога син ми си го исчаши рамото, па постојано му излегуваше од лежиштето додека тој ги правеше уште своите почетни чекори во паркур.
Па се радував, навистина, си викав подобро рамо да исчаши сега отколку да го мислам после да не скрши глава.
И сето ова, освен името, нема ништо заедничко со PAFF – Parkours of the Future, проект кој кај нас го донесе АРНО.
Проектот користи иновативна методологија што преку игри, активности и експерименти ги инспирира младите да размислуваат за иднината на професиите, со акцент на: зелена транзиција, дигитални вештини и родова еднаквост.
Истиот беше тестиран на 7 април годинава во скопското средно училиште „Раде Јовчевски Корчагин“.
„На 7 април 2025 година, во СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје, АРНО го реализираше првото пилот-тестирање на иновативната методологија развиена во рамките на проектот „Паркури на иднината“ (PAFF). Повеќе од 40 ученици учествуваа во дигитални и физички „станици“ со цел да се подигне свеста за зелените и дигиталните професии, одржливоста и родовата еднаквост. Учениците креираа бургери со најмал еколошки отпечаток, правеа стратегии како да го убедат повисокиот менаџмент да донесе зелени одлуки, дознаа која е темната страна на паметните телефони, се запознаа со достигнувањата на Фрида Кало, Малала Јусуфзаи и многу други“, објаснува Ирина Јаневска, претседателка на невладината организација за социјални иновации АРНО.
Станува збор за фантастичен проект кој во други држави е дел од образовниот процес и преку кој учениците можат да научат многу повеќе отколку што учат инаку, често само пасивно слушајќи ги предавањата на професорите.
На пример, додека тие го прават бургерот кој треба да има најмал еколошки отпечаток, учат дека, прво, не треба да употребат месо бидејќи тоа има најголем јаглероден отпечаток во споредба со повеќето други прехранбени производи, а потоа учат и за тоа дека доматите што ќе ги употребат во лето се сезонски и локални и имаат многу помал јаглероден отпечаток (8g CO2), во споредба со зимските домати кои растат во стаклени градини кои се загреваат со греачи, па и нивниот јаглероден отпечаток е многу повисок и изнесува дури (29g CO2).
Методологијата „Паркури за иднината“ вклучува тематски „станици“ што ги поттикнуваат младите да размислуваат критички и креативно за предизвиците на иднината.
Паркур значи „патека“ или „курс“, тоа е вештина на движење со цел да се совладаат препреки — исто како што младите мора да ги надминат препреките во општеството со креативност, дигитални вештини и еколошка свест.
Проектот #PAFF е финансиран од програмата Erasmus+ и се реализира во партнерство со организации од Германија, Италија, Романија и Македонија.
Како што кажува и самото име, методологијата е инспирирана од урбаното движење паркур и има за цел да ги вклучи младите во интерактивно учење, поттикнувајќи свесност и активна улога во изградбата на подобра иднина.