Салони за требење вошки: Во Србија и во Хрватска цвета нов бизнис

Повеќето родители барем еднаш добиле повик од градинка или училиште со барање итно да го земат своето дете поради вошки. Ова обично е проследено со итно одење во аптека за медицински шампон, но многумина дури тогаш сфаќаат дека шампонот не е конечно решение, туку само почеток на долготрајниот процес на отстранување на вошките.

Процесот може да потрае повеќе од еден месец, бидејќи е неопходно темелно да се отстранат гнидите и да се спречи нивното повторно појавување. Во такви ситуации, родителите често се обраќаат до експерти за отстранување вошки, кои користат специјални методи и алатки за да го решат проблемот брзо и ефикасно. Навремената реакција и темелната грижа се клучни за успешно елиминирање на овие досадни штетници.

Во Хрватска, според порталот Дневно, постои еден салон кој ги наплаќа третманите од 10 до 70 евра, во зависност од бројот на вошки и гниди и должината на косата.

Мал третман за 1-10 возрасни вошки или 20 гниди или помалку, без ларви, се наплаќа од 10 евра, додека најголемиот третман кој чини 70 евра, вклучува случај со повеќе од 50 возрасни вошки или повеќе од 200 гниди во форма на ларви.

И во Србија постојат специјализирани салони каде што можете да ги исчистите вошките на вашето дете, пишува Информер.

Треба да се резервира термин однапред.
Неодамна на социјалните мрежи започна дискусија за овој нов, необичен бизнис кој доживеал бум минатата година. Еден корисник го сподели своето искуство откако дозна за овие салони од пријател.

„Вчера дознав дека кај нас постојат „вошкарници“. Треба однапред да резервирате термин бидејќи се полни, а мојот пријател платил 10.000 динари (околу 85,46 евра) за двете деца, бидејќи цената зависи од должината на косата. За ќерката му излегло поскапо“, напишал корисникот.

Родителите кои претходно ги користеле услугите на овие места, во коментарите потврдуваат дека овие салони се навистина преполни со клиенти и дека е задолжително однапред да се закаже.

Што треба да знаат родителите за вошките?

Постојат трикови кои можат да помогнат против овие мали, здодевни бубачки.

Секој ден пред децата да заминат на училиште или на која било друга активност, испрскајте им ја косата со спреј против вошки или со етерични масла. Важно е редовно да ги менувате видовите на масла, бидејќи вошките брзо се навикнуваат на одредени мириси и стануваат имуни на нив. Се препорачуваат масло од чајно дрво, нане, лаванда или рузмарин.

Не заборавајте редовно да ја проверувате косата на вашето дете, дури и ако не го чеша.

Заблуда е дека вошките одат само на валкана коса. За нив мамката е всушност чиста коса. Во борбата против нив може да ви помогнат и производите за обликување на косата (користење повеќе такви производи, како гел и лак), како и шампони кои не ги отстрануваат јајцата, па затоа е неопходна употреба на специјален, густ чешел.

Вошките најчесто се пренесуваат со близок контакт, односно со споделување чешел или капа, а може да преживее и до 48 часа надвор од косата и скалпот. За тоа време, вошките и гнидите што му паднале од главата на домаќинот може да се пренесат на друго лице преку предмети, како што се четки за коса, навлаки за перници, но и потпирачи за глава во автобуси и авиони.

Вошките спаѓаат во групата на мали инсекти кои цицаат крв. Тие се движат приближно десет сантиметри во минута, а кога се гладни, уште побрзо. Ако вашето дете ги добие, не можете да се ослободите од нив без соодветен третман.

Како што велат експертите, доколку не се уништат навреме, вошките брзо се размножуваат. Тие не пренесуваат никакви болести, но имајќи предвид дека предизвикуваат интензивно чешање, на кожата може да се појават гребаници кои потоа може да се заразат.

вошкисалони за требење вошки