Паровите кои се борат со неплодност минуваат низ тешки емотивни моменти. Меѓутоа, понекогаш проблем е и недоволното разбирање на околината.
Д-р Марго Лови, психотерапевт, авторка и мајка на три деца, сподели приказна за борбата против неплодноста во која зборува за тоа како неплодноста влијае на секојдневниот живот.
Неплодноста може да биде осамена!
Тешко е да се разговара со семејството и пријателите за неплодност бидејќи повеќето луѓе не го искусиле она што сме го искусиле ние и не можат да нè разберат. Многумина се со добра намера, но се однесуваат како експерти за неплодност, нудејќи непотребни и несакани совети како, „само опушти се, не размислувај за тоа и ќе се случи“, „земете одмор или пауза“ и мојата омилена, „само јави се во клиниката за ИВФ и ќе останеш бремена за еден месец“.
Мојата пријателка Џини исто така се бори со неплодност. Џини има направено четири процедури за ИВФ во изминатите 5 години, за жал ниту една не успеала. Заедничка пријателка ја поканила на прослава на роденденот на нејзината двегодишна ќерка, но Џини го откажала своето доаѓање.
За неа, ваквите настани станаа премногу стресни. Премногу бебиња, премногу трудници, премногу прашања – едноставно премногу. Но, чувствуваше срам и тага бидејќи не сака да доаѓа на прославите. Таа се чувствуваше така затоа што нашата околина не ги разбира жените кои минуваат низ толку тежок пат до мајчинството.
Таа ми рече: „Не им завидувам на моите пријатели кои имаат деца, само се чувствувам како да имам огромна празнина, дупка во себе што не знам како да ја пополнам. Мојот живот е толку надвор од контрола, како тобоган. Детските прослави се едноставно премногу за мене; премногу емотивно и стресно. “
Џини и јас се согласивме дека околината сè уште не разбира низ што поминуваат жените кои се борат со неплодност.
Неплодноста е чувствителна тема!
Недостига знаење и разбирање за проблемот со неплодноста во општеството. Многу луѓе мислат дека една посета на клиника за ИВФ ги решава сите проблеми. Во реалноста, паровите поминуваат низ безброј тестови, инвазивни третмани и процедури без никаква гаранција за успех. Неплодноста е исто така огромен притисок врз партнерството.
Ако имате пријателка која е во ваква ситуација, не ја осудувајте и не ѝ давајте совети. Не е толку едноставно! Само слушнете ја и бидете свесни дека тоа е многу деликатна и чувствителна тема. Најкорисното нешто што треба да се запамети е дека повеќето не знаат што значи да патувате и да се борите против неплодноста.
Ако се борите со неплодност, обидете се да подготвите одговори на несакани прашања од пријателите и познаниците. Можете да бидете целосно искрени и слободни и да кажете нешто како „Јас навистина не сакам да зборувам за тоа“. Моќта на вашите зборови може да ги натера луѓето околу вас да размислат пред да проговорат следниот пат, без да размислат низ што навистина поминувате.