Нико Алари, косопственик на Holybelly во Париз, вели дека рестораните не сакаат бебиња, мали деца и доенчиња.
„Дури и ако сопственикот е пријателски настроен кон бебињата, повеќето келнери не се. Бебињата се неуредни, бучни, лепливи, несмасни, минијатурни расипувачи“, вели Нико.
„Ако работите во нашата индустрија, не ми кажувајте дека не ви се смачува кога ќе видите шармантен пар со неколку преслатки деца како поминува низ вратата на ресторанот. Едноставно нема да ви верувам“, додава тој, истакнувајќи дека тоа што вработените не сакаат кога ќе им дојде бебе во ресторанот, не значи дека презираат деца.
„Тоа се две сосема неповрзани работи. Тоа само значи дека тие се закоравени професионалци и дека длабоко во себе знаат дека на овој или на оној начин, ќе им пречат на другите“, вели тој.
На многу ѕгостители им дошло преку глава. Сопственик на ресторан во Рим им забранил влез на децата бидејќи „ресторанот е осмислен така што музиката, светлината и бучавата и менито не се наменети за деца“. Сопственикот на пицерија во градот Сондио на влезот објавил порака: „Оставете ги невоспитаните деца дома или сменете го локалот“. Ова го направил откако се изнервирал затоа што некои од децата на гостите се однесувале како да се дома, си играле криенка и се судирале со келнерите. Дури и изгубил некои редовни клиенти.
Неодамна и келнерка од Хрватска се пожали дека децата во кафулето каде што работи врескаат и трчаат и ги вознемируваат гостите, но нивните родители не трепнуваат. Сопственикот на ресторанот „Ла Палапа“ во Рим, Виторио Еспосито забрани влез на животни и на деца до 14 години, а освен во Италија, движењето „Child Free“ се прошири и во други земји. Создадено е во САД, а може да се престојува во хотели без деца и во Париз и Мадрид и на некои егзотични дестинации.
Ресторанот Oma’s Küche на германскиот остров Риген прифаќа деца помлади од 14 години, но само до 17 часот. После тоа, локалот е резервиран за возрасни кои бараат мир и тишина. Во Берлин, многу кафулиња имаат ознаки Kinder Verboten – не се дозволени деца. Многу хотели во Шпанија не прифаќаат гости помлади од 12 години, некои дури и помлади од 18 години. А во Шведска има сѐ повеќе ресторани, хотели, одморалишта и велнес центри кои се „child free“.
Од друга страна, има и family friendly ресторани, каде што се добредојдени семејства со деца. На таквите места често има простор за играње за децата, боенки, како и столчиња и масички кои се прилагодени за малите гости.