Опасноста од давење на море и во базени е реална и не треба да се игнорира, особено кога се во прашање децата. Несреќи се случуваат, а најчесто возрасните се на вистинското место во вистинско време за да спречат потенцијална трагедија. Но, тоа не било случај за едно дете, кое сепак било спасено, но го спасило друго дете.
Седумгодишниот Масија Браун од Сакраменто, Калифорнија пливал во базенот кога видел мало момче на дното на базенот. Свесен дека тоа е невообичаено, Масија веднаш се нурнал за да го спаси.
Херојска реакција
„Само играв во базенот, а потоа видов момче на дното на базенот“, изјавил тој за „Добро утро Америка“. „И отидов да го земам. Според мајката на Масија, Тиара Делвале, тој се втурнал во базенот длабок два метри за да го спаси 3-годишното дете, за кое рекол дека имало отворени уста и очи.
Храброто момче успеало да го извлече детето на површината на базенот, каде што неговата деветгодишна братучетка по име Савана, со која си играл во базенот, го извлекла и ги предупредила возрасните кои се јавиле на 911 и почнале со оживување. „Савана го донесе кај мајка му и тогаш почнаа со оживување на момчето, а потоа повикаа Брза помош“, вели малиот херој. Портпаролот на противпожарната служба на Сакраменто потврдил за ABC News дека 3-годишното дете дишело кога пристигнала Брзата помош.
Делвале спасувањето го нарече чудо, додавајќи дека е во контакт со мајката на момчето, кое е наводно добро. Таткото на Масија, олимпискиот боксер Маркус Браун, рекол дека е шокиран од она за што е способен неговиот син, иако знае дека плива како риба и дека е исклучително емпатичен.
„Неверојатно е да има 7 години и да прави такви работи“, рекол тој. „Многу сум му благодарен што беше доволно храбар за да направи нешто толку херојско“, додал Браун.