Кога на 8 март 1857 година, жените вработени во текстилната индустрија излегле на улиците на Њујорк протестирајќи против лошите услови за работа и ниските плати, сигурно не ни помислувале дека денес овој празник ќе стане само ден кога на жените им се купува цвеќе.
После тој прв голем женски протест, еден од најзначајните се одржал во 1908 година, кога 15.000 жени излегле на улиците на Њујорк барајќи пократко работно време, повисоки плати и најважното – право на глас.
Денот на жената бил воспоставен две години подоцна, на првата меѓународна женска конференција во Копенхаген. Тогаш славната Клара Цеткин предложила 8 март да биде прогласен за Меѓународен ден на жената.
Следната година тој празник масовно се славел во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.
За многумина, Денот на жената изгледа старомоден, но прашањето за рамноправноста на половите се поставува и денес.
Кога се вработуваат жени, тие се соочуваат со прашањето на работодавачот „дали планираат да имаат деца“. Исто така, нивните машки колеги се повеќе платени, а да не зборуваме за насилството врз жените!
„Оној кој дозволува капиталистите да ги угнетуваат работниците, дозволува и мажите да ги угнетуваат жените. Тие ќе останат угнетени додека не бидат економски независни.
Ако целта е жената да стане слободно човечко суштество, тогаш не треба да ѝ се одзема правото на работа, ниту да ѝ се скрати работното време, ниту да се ограничат областите во кои може да работи“, зборувала германската револуционерка Клара Цеткин кога на конгресот на Социјалистичката интернационала во Копенхаген предложила жените да го слават 8 март како симбол на борбата за еднакви избирачки права, заштита при работа, укинување на трговијата со бело робје и заштита на децата.
Секако, положбата на жената денес е далеку поповолна отколку што била, но жената се уште не е рамноправна членка.
Дали треба да го славиме Денот на жената?
Празниците се реалност, а кај нас тешко се откажуваме од нив особено кога се слават во кафана. Иако, во основа, денот е симболичен, а токму таму од кадешто почнала борбата на жените, во Америка, на 8 Март не му се придава вакво значење како кај нас.
Ако денес е денот на жената, тогаш наместо во кафеана, да го славиме на улица и да го одбележуваме се додека ниту една жена нема да биде жртва на насилство и додека сите не бидат целосно третирани како рамноправни суштества, во кој било сегмент од животот и во кое било место на светот.