Да се изгуби некој близок никогаш не е пријатно искуство и може да биде неверојатно тешко.
За да им понуди мала поддршка на оние кои се подготвуваат за смрт на некој близок, медицинската сестра за палијативна нега Џули Мекфејден објаснила што е „активно умирање“.
Џули (41) на социјалната мрежа Тик-Ток ги објаснила знаците низ кои некој поминува кога умира и што може да биде најстрашниот дел.
Кои се фазите на умирање
Медицинската сестра, која исто така има напишано книга, често споделува видеа за да помогне во „нормализација на смртта и умирањето“ со надеж дека ќе ги олесни стравот и стигмата.
По претходните фази, вклучувајќи „забавување“, „опаѓање на силата“ и „фаза на премин“, Мекфејден објаснила дека процесот на „активно умирање“ е последната фаза пред да умре лицето. „Активната фаза на умирање е она што ги плаши луѓето бидејќи не се навикнати да ја гледаат и не знаат што се случува“, објаснува таа.
Медицинската сестра вели дека во овој момент вашиот сакан најверојатно ќе биде целосно без свест, без храна или вода бидејќи тоа може да трае со денови. Таа додала и дека во овој период ќе бидат инконтинентни.
Можеби еден од највознемирувачките делови од оваа фаза е промената во дишењето, која Мекфејден ја опишала како прилично чудна.
Таа објаснила: „Буквално само малку плунка се собира во задниот дел од грлото бидејќи устата им е отворена, нивното дишење оди преку плунката и предизвикува гргорење“.
Покрај овој звук кој многумина нема да го заборават, може да има и „метаболички промени“ вклучувајќи разлика во бојата на кожата како и висока и ниска температура.
Се разбира, ова може да биде доста вознемирувачки да се види, но медицинската сестра од хосписот увери дека сето тоа е нормален дел од смртта и умирањето и рече дека тоа нема да ја повреди саканата личност.
„Важно е да се биде информиран за тоа како всушност изгледа смртта. Филмовите и телевизијата не го прикажуваат тоа на вистински начин, па кога луѓето го гледаат тоа во реалниот живот со своите најблиски, се избезумуваат“, вели таа.
Медицинската сестра, исто така, претходно раскажала како студијата за пациентите во хосписот кои доживеале „активно умирање“ покажала дека повеќето пациенти кои не реагираат, сè уште имаат реакција на испуштање на различни звуци, а некои луѓе сè уште можеле да ги слушаат работите до нивните последни моменти.