Би било интересно да се преселат денешните деца во 70-тите или 80-тите години на минатиот век. Се прашувате како би се снашле? Како би го продолжиле својот живот во светот пред дигиталната револуција, која префрли огромен дел од нашето функционирање на интернет?
Денес речиси секој има мобилен телефон во џебот, но некогаш одамна единствената опција за контактирање на луѓе од улица беше говорницата. Според Федералната комисија за комуникации на САД, во САД останале околу 100.000 телефонски говорници, што е огромен пад од 2 милиони колку што имало во 1999 година.
Дали денешното дете воопшто би знаело да користи телефонска говорница? Се сеќавате ли дека кога ќе одевме на летување со другарите, чекавме ред пред говорницата барем двапати, еднаш за да јавиме дека сме стасале, а вторпат, обично, за да побараме да ни испратат пари за да можеме да се вратиме дома.
Дали сте имале домати во градината иако сте живееле во градска населба? Дали сте јаделе домати како што обично се јадат јаболки, на улица? Сте се допишувале ли со непознато другарче од некоја друга република или држава? Како би реагирало вашето дете кога би му раскажале дека сте разменувале писма и дека одговорите сте ги чекале со денови или дури и со недели? Дали сте се возеле автостоп? Веројатно вашите деца денес, ако веќе немаат свој автомобил, тротинет, мотор или велосипед, попрво би викнале такси отколку да стопираат!
Дали вашето дете знае да пушти плоча на грамофон, знае ли што е тоа касета, дали би се шокирало кога би му раскажале дека сте знаеле да чекате покрај радиото да ја пуштат вашата омилена песна за да ја снимите на касета? Никогаш нема да сфатат ниту колку сте се нервирале кога среде песна водителот ќе кажел нешто или ќе пуштел џингл. Како би му изгледал на вашето дете фактот дека пушењето беше вообичаено во јавните институции?
Во раните 1980-ти, пушењето беше дозволено во автобуси, авиони, кина, ресторани, училници, па дури и во болници. Како би реагирало денешното дете доколку наставничката запали цигара среде час? Или кога би знаело дека жените после породување, си ги разменуваа искуствата и пушеа цигари во болничкото ВЦ? Како би реагирало кога би знаело дека понекогаш, наместо на часови, целиот училишен ден сте го поминувале во утринско кино? Сте се враќале уредно и на време од училиште, а вашите родители, ако тоа не сте го правеле премногу често, можело никогаш и да не дознаат за тоа.
Дали вашето дете би можело да се договори за излегување со другарите ако никој од нив нема мобилен телефон? Сте се чекале ли вие како тинејџери и студенти, во одредено време на одредено место, на пример, кај чешмичката кај Рекорд? Сте знаеле ли каде ќе ги најдете вашите пријатели ако не стасате на време на договореното место? Дали вашето дете би се качило на воз без резервација за седиште? Веројатно не би можело, иако ние знаевме да седиме по ходниците на возовите возејќи се некаде и по 20 часа, дури и кога имавме свои седишта (Во ходниците беше секогаш поинтересно). Дали сте правеле журки на кои имало повеќе луѓе отколку што можел да собере вашиот стан или куќа, а повеќето од присутните не сте знаеле ни кои се?
Ден Вуори, постар директор на Институтот Хант, ги замолил своите следбеници на Твитер да споделат искуство од детството кое го карактеризира периодот во кој тие пораснале, а може да предизвика чудење кај денешните деца.
Многумина споделиле приказни за сеприсутното пушење во училиштата, а некои коментирале дека мерките за безбедност во однос на децата биле многу послаби, без разлика дали се работи за опрема на училишното игралиште или за сомнителни седишта за автомобили.
„Изработувавме глинени пепелници како подарок за Денот на мајката… без разлика дали мајките беа пушачи или не“, напишал некој.
„Користев телефонска говорница што беше надвор од училишната сала за да ги повикам моите родители да ме земат од тренинг“, напишал друг.
„Спиев потпрен на стаклото од задната врата на автомобилот додека се возевме на семеен одмор“, открил трет.
„Автомобилските седишта само се закачуваа на предното седиште. Држи се цврсто дете“, напишал четвртиот.
Пред интернетот работите беа многу поинакви. Се сеќавате на терминот „другарче за допишување“?
„Редовно се допишував со пријателка за допишување од друга земја и ги чував внимателно сите писма во кутија за чевли. Потоа на факултет отидов кај неа за да се сретнеме за првпат во живо и да присуствувам на нејзината свадба. Но сега се слушаме преку Фејсбук”. додава една корисничка.
Ова се примери од американското секојдневје, но кај нас беше уште поразлично. На што се сеќавате вие од вашето детство, а што би ги шокирало вашите деца или повеќе би сакале воопшто и да не дознаат за тоа?