Што е проблемот со свекрвите и снаите?!

„Видов многу совети за свекрви што кажуваат што е дозволено, а што не е дозволено за да не ѝ се замерите на снаата. И, се обидувам. Но, ако навистина сакаш да се сложуваме, еве неколку правила што треба да ги почитуваш и ти“, вели една свекрва во писмото до нејзината снаа, кое е објавено на порталот Scarrymommy.

„Ако имаш проблем со мене, однесувај се како возрасна жена и разговарај за тоа со мене! Сигурна сум дека моето дете, а мојот син е мое дете, не сака да биде меѓу нас двете, исто како што ни тебе не би ти се допаднала ваква улога.
…Нели мислиш дека одлично сум го воспитала човекот со кој ти реши да се омажиш и да имаш деца. Не е идеален, ама не си ни ти, нели? Се чини дека сепак сум завршила одлична работа. Не мора да скокаш секој пат кога ќе ја отворам устата. Извини ако ти давам совет што не си го побарала, но понекогаш од мене зборува искуството. Можеби некогаш треба и да ме послушаш. Биди сигурна дека немам задни намери!

Знам дека не ми веруваш, но не се обидувам да те контролирам или да те осудувам. Во ред, можеби малку и те осудувам, посилно е од мене, но се трудам. Само сакам мојот син и внуците да имаат среќен и добар живот. Тој е твој сопруг, но сепак е нечиј син, братучед, внук. Мора да го делиш, без разлика дали ти се допаѓа тоа или не. Дали сето ова ти звучи изводливо? Се надевам дека е така. Еве, јас ќе ги чувам твоите деца преку викендот за да можете вие двајца да имате време само за себе. Само вети ми дека нема да ме озборуваш цела вечер, може ли?“, е дел од ова духовито писмо.

Но, шега на страна, дали навистина мора да биде лош односот меѓу две жени кои по логиката на нештата би требало да се согласуваат?!

Тони трудови се напишани за тоа, развиени се моќни теории, но суштината останува иста.

Се чини дека најголемиот проблем е губењето на првата позиција. Како на трките! Мајките не можат да се помират со фактот дека тие повеќе не се главната женска фигура во животот на нивните синови, а снаите едноставно немаат намера да споделуваат ништо со својата свекрва. Дури ни првото место!

Долго време мислевме дека ова е само наш проблем, дека сме заостанати и нецивилизирани, па затоа нашите свекрви и снаи „се влечат за коси“. А потоа се појави холивудскиот блокбастер (Monster-in-law) кој ја претстави свекрвата како чудовиште, а Џејн Фонда објасни што значи да се биде лоша свекрва.

И дали мора да биде така? Па, секако дека не мора. Доколку овие две, традиционално завојувани страни, за момент го спуштат оружјето и се обидат да размислат со ладна глава, сигурно дека ќе извлечат секакви заклучоци.

Снаата можеби ќе разбере дека „злобната вештерка“, го родила нејзиниот сакан сопруг и, за почеток, можеби ќе треба да ѝ биде благодарна за тоа. Веројатно ќе го очекува истото еден ден од својата снаа.

Свекрвата пак, може да ја прифати снаата како уште една жена која неизмерно го сака нејзиниот син и се согласува да сподели сè што носи животот со него. А тоа не се секогаш само убави работи! А да не зборуваме за улогата на снаата како мајка на нејзините внуци.

Всушност, многу е едноставно да се изгради добра врска, само треба да се размисли за почетните позиции: Ако стапите во брак со идејата дека вашата свекрва ви мисли лошо само затоа што, можеби, сте биле сведок на лошиот однос на својата мајка со нејзината свекрва и со идејата дека таа мора да е злобна, расипана и со задни намери, тогаш вашиот однос сигурно ќе се развива во лош правец.

Од друга страна, ако свекрвата ја замисли својата снаа како жена која ќе го одвои нејзиниот син од неа, само затоа што е пресметана и нечувствителна, тогаш веројатно така и ќе биде.

Тоа е целата филозофија! И тоа е многу важно. Добриот однос со свекрвата е всушност одлична основа за хармоничен однос со сопругот. Затоа што, не заборавајте, ако вие двете не сте во добри односи, тој е директно засегната страна. Ако го сакате, не му го правете ова!
Особено ако и самите знаете дека еден ден ќе се најдете во улога на свекрва. Можеби сега мислите дека вие ќе биде поинакви и дека тоа нема да ви се случува вам, но верувајте – и вашата свекрва го мислела истото!

И разберете дека сте сега семејство, а секое семејство е приказна за себе. Направете ја сами својата приказна и заборавете на предрасудите!

свекрвасемејствоснаа