Од возбуда и приврзаност до анксиозност и депресија, однесувањето на една млада мајка се заснова на биохемиските процеси во мозокот и телото.
Кога жената ќе стане мајка, тоа е како во вашиот дом да откриете уште една необична соба за чие постоење не сте знаеле ништо. Луѓето имаат тенденција да го опишуваат мајчинството со едноставната изјава: „Сè се менува“.
Во овој текст ќе го расветлиме механизмот на емоционалните промени откако жената ќе се породи. Некои се позитивни, возбудливи и пожелни. Други може да бидат крајно непријатни, па дури и опасни за мајката и детето.
Важно е да се знае дека за време на постпарталниот период жената не ги контролира своите емоции. Нејзините промени во расположението, солзите и кавгите не се последица на нејзиниот лош карактер, туку бури од хормони кои ја преплавуваат. Заморот и бројот на обврски само „долеваат масло на огнот“, но не се ниту одблизу толку важни за општата состојба на жената која неодамна се породила.
Невролошка природа на промените
После долгогодишно истражување, научниците дури неодамна успеаја да го поврзат начинот на кој се однесуваат новите мајки со она што се случува во деловите од мозокот наречени префронтален кортекс, среден мозок, париетални лобуси и други.
На основно ниво, овие промени, кои настануваат поради напливот на хормони за време на бременоста и веднаш по раѓањето, помагаат да се создаде врска помеѓу мајката и бебето.
Ова е биолошки оправдан механизам кој обезбедува опстанок на новороденчето. Со други зборови, овој т.н мајчински инстинкт на неизмерна љубов, гордост, заштитнички однос и постојана грижа, започнува со хемиска реакција во женскиот мозок.
По породувањето доаѓа до промена на различни делови од женскиот мозок кои се вклучени во регулирањето на емоциите, одговорни за емпатијата, но и за она што го нарекуваме мајчински инстинкт.
Кај луѓето и животните постои неконтролирана желба да се заштити породот. Иако постојат неколку поврзани мозочни региони одговорни за однесувањето и расположението на мајката, научниците најмногу ги привлекува групата неврони слични на бадем, позната како амигдала која помага во оработка на помнењето и предизвикува емоционални реакции како што се страв, анксиозност и агресија.
Нормално е амигдалата да расте во неделите и месеците по раѓањето. Научниците веруваат дека овој раст е поврзан со однесувањето на мајката. Зајакнатата амигдала ја прави жената преосетлива на потребите на нејзиното бебе.
Во тоа време, мешавината на хормони кои наоѓаат повеќе рецептори во проширената амигдала помагаат да се создадат повратни информации за да се мотивира однесувањето на мајката.
Многу родители ја опишуваат својата состојба по средбата со бебе како многу слична на онаа кога се вљубуваме. На ниво на мозочна активност се случуваат промени многу слични на оние во првите месеци од романтичната љубов меѓу партнерите. Затоа бебињата им мирисаат толку добро на нивните родители.
Најголемите промени во мајчиниот мозок се случуваат со првото дете, иако не е јасно дали мајчиниот мозок некогаш се враќа на она што бил пред породувањето, тврдат невролозите. Сепак, промените во мозокот не се ограничени само на новите мајки. Тие се јавуваат пред и по секое породување.
Окситоцин – мајчински хормон
Познат е како хормон кој се лачи кога се гушкаме, кога мајката дои или само се грижи за своето дете.Окситоцинот е мајчински хормон и хормон на љубовта. Се произведува од хипофизата. Има многу важни функции во телото.
Окситоцинот е особено важен за жените. За време на породувањето ги стимулира мускулните контракции неопходни за породување. Овој хормон помага да се опуштите, го намалува крвниот притисок и овозможува градење на социјални и семејни врски и доверба.
Нивото на хормонот окситоцин во телото на мајката е одговорно за поврзување на мајката и новороденчето. Драстично се зголемува за време на бременоста и по породувањето. Колку повеќе мајката е вклучена во грижата за детето, толку повеќе окситоцин се лачи во нејзиниот мозок.
Доволно е мајката да го набљудува бебето, да го слушне нејзиното гугање или плачење, за да почне механизмот.
Се верува дека мајките кои дојат се почувствителни на бебињата кои плачат. Познат е феноменот на истекување на млеко и кога не доите. На пример, мајката излегува, доволно е само да помисли дека треба да го дои бебето за да почне да тече млекото. За ова повторно е одговорен хормонот окситоцин. Имено, кога бебето ќе ја допре дојката, се лачи окситоцин кој предизвикува контракции на млечните жлезди кои го истиснуваат млекото за да се подои бебето.
Самата помисла на овој чин предизвикува механизам во мозокот и телото на жената.
Дали родителството го менува и машкиот мозок
Наместо хемиските промени кај жените, родителскиот мозок на мажот е поддржан од социо-когнитивна мрежа која се развива во мозокот на двата пола подоцна во животот. Хормоните автоматски ја подготвуваат мајката за мајчинство.
Уште пред мајчинството, жената има „нацрт“ на мајчински инстинкт. Ова можеби е навистина таен простор во мозокот кој чека да се активира. Еволуцијата создаде други механизми за мажите да се прилагодат на нивната родителска улога. Со други зборови, чинот на грижа за бебето создава нови нервни патишта – неоткриени простории во мозокот на родителот.
Едноставно, татковците ги „вежбаат“ родителските емоции со тоа што секојдневно се грижат за бебето. Со пресоблекувањето на бебето, татковците градат врска со новороденчето. Кога бебето ќе влезе во куќата, секоја помош е добредојдена. За да се иницираат механизми на промена и да се изградат врски, неопходно е татковците да учествуваат што е можно повеќе во грижата за бебето.
Менувањето на пелената на бебето е едноставна задача која секој татко може да ја направи беспрекорно. Истовремено, му дава можност на партнерот да се справи со новороденчето и на тој начин да ги иницира механизмите на емоционално поврзување.
Учеството на таткото во споделувањето на обврските е исто така многу корисно за мајката. Не само што ја ослободува од некои задачи и ѝ дава можност за неопходен одмор, туку има и емотивна вредност. Овој тип на заедничка грижа за породот, исто така, ја зачувува емоционалната стабилност на мајката до одреден степен, помагајќи ѝ да се справи со турбулентните промени што ги доживува нејзиното тело и нервниот систем.
Што е постпартален „бејби блуз“?
Иако раѓањето на детето е поврзано само со позитивни чувства, тоа може да предизвика и нешто несакано – депресија. Дури 85% од жените доживуваат феномен наречен „бејби блуз“ во првите недели и месеци по породувањето. Овој термин ја опишува менталната состојба на мајката, во која се менуваат чувствата на радост, среќа и возвишеност, проследени со тага, страв, солзи.
За ова се виновни хормоните. но и несоницата, физички болните последици од породувањето, отечени и болни гради. Оваа ситуација се надминува со вклучување на семејството за помош, првенствено на партнерот, со повеќе одмор, одвојувајќи малку време само за себе. Бејби блузот обично започнува 2-3 дена по раѓањето и може да трае до 2 недели.
Сепак, некои мајки доживуваат многу посериозни, долготрајни ментални нарушувања познати како постпородилна депресија.
Симптоми на постпородилна депресија
Многу научници веруваат дека мапирањето на мозокот на жените кои штотуку родиле е клучот за разбирање на непријатната и опасна ментална состојба со која се соочуваат многу новопечени мајки по породувањето.
Една од шест жени страда од постпородилна депресија, а уште повеќе развиваат некој облик на опсесивно компулсивно однесување како неконтролирано миење раце, често проверување дали бебето дише и слично.
Симптомите обично се развиваат во првите неколку недели по раѓањето, иако можат да започнат порано – за време на бременоста, но и подоцна од една година по раѓањето.
Една статија на веб-страницата на клиниката Мајo ги наведува следните симптоми на постпородилна депресија:
Депресивно расположение и драстични промени во расположението
Интензивно плачење
Тешкотии во поврзувањето со бебето
Повлекување од семејството и пријателите
Губење на апетит или прејадување
Несоница или прекумерен сон
Прекумерен замор и губење на енергија
Незаинтересиранoст за да уживате во активностите што ги сакате
Интензивна раздразливост и лутина
Страв дека не сте добра мајка
Чувство на безнадежност
Важно е да се знае дека постпородилната депресија не е маана или слабост на мајката.
Доколку се појават симптоми, потребно е веднаш да се реагира. Соодветната терапија може да ги контролира симптомите и да ѝ помогне на мајката да воспостави нормален однос со бебето.
Мајките обично го негираат или не го препознаваат проблемот. Затоа останува на семејството веднаш да реагира. Доколку постои сомневање за постпородилна депресија, лекарот е единствената личност која навистина може да ѝ помогне на мајката.