Шведска се враќа на традиционалните образовни методи со акцент на печатените книги, практиката на читање и пишување и намалување на употребата на таблети и дигитални алатки, пишува АП. Овој потег доаѓа откако политичарите и експертите изразија загриженост дека прекумерната дигитализација, вклучително и воведувањето таблети во предучилишните установи, довело до пад на основните вештини на учениците.
Шведската министерка за образование Лота Едхолм, која ја презеде функцијата во владата на десниот центар пред 11 месеци,вели дека на учениците им требаат повеќе учебници и дека печатените книги се важни за нивното образование.
Министерката минатиот месец најави дека Владата сака да ја поништи одлуката на Националната агенција за образование за задолжителни дигитални уреди во предучилишните установи. Тие планираат да одат чекор понатаму и целосно да го стопираат дигиталното учење за деца помлади од шест години, соопшти Министерството.
Опаѓање на вештините за читање
Иако шведските ученици постигнуваат натпросечни резултати во читањето, напредокот во меѓународната студија за читачка писменост PIRLS („Progress in International Reading Literacy Study“) меѓу шведските четвртоодделенци покажал пад помеѓу 2016 и 2021 година.
Во 2021 година тие во просек освоиле 544 поени, што е пад во однос на просекот од 555 поени од 2016 година. Сепак, Шведска го зазеде седмото место во светот, споделувајќи го со Тајван.
УНЕСКО упати итен повик
Експертите за образование посочуваат дека некои проблеми со учењето можеби се појавиле поради мерките воведени за време на пандемијата на коронавирус, како и зголемувањето на бројот на ученици имигранти чиј мајчин јазик не е шведски, но исто така истакнуваат дека прекумерната употреба на уреди со екрани за време на училишните часови може да предизвика заостанување на младите во основните предмети.
„Постојат јасни научни докази дека дигиталните алатки го попречуваат, а не го подобруваат учењето на учениците“, објави угледниот институт Каролинска минатиот месец, коментирајќи ја претходната национална стратегија за образование која ја нагласуваше дигитализацијата на наставата. „Институтот смета дека фокусот треба да се врати на стекнувањето знаења преку печатени учебници и стручноста на наставниците, наместо претежно бесплатни дигитални извори кои не се проверени“, велат од Институтот.
УНЕСКО упати и „итен повик за соодветна употреба на технологијата во образованието“. Извештајот ги повикува земјите да ги забрзаат интернет-врските во училиштата, но предупредува дека технологијата во образованието треба да се имплементира такашто никогаш да не ја замени наставата во живо на наставниците.
Селективна употреба на технологијата
Во шведскиот главен град Стокхолм, деветгодишниот Ливеон Палмер, третоодделенец во основното училиште Ѓургардсколан, им изјавил на новинарите на АП дека му се допаѓа идејата да поминува повеќе време на училиште офлајн. „Повеќе сакам да пишувам во училиште, на хартија, затоа што се чувствувам подобро“, рекол Ливеон.
Неговата учителка Катарина Бранелиус вели дека била многу селективна кога станува збор за користење таблети на час. Ги користиме во математиката, имаме некои апликации, но не ги користиме за пишување“, вели Бранелиус. Таа додала дека на учениците под десет години „им треба време да го вежбаат ракописот пред да се запознаат со пишувањето на таблет“.
Компјутерска писменост на учениците
Онлајн наставата е тема на жестока дебата низ Европа и другите делови на Западот. Полска неодамна започна програма финансирана од владата за да му даде на секој ученик лаптоп, почнувајќи од четврто одделение, со надеж дека ќе ја направи земјата технолошки поконкурентна.
Во Америка, многу државни училишта купуваа лаптопи за своите ученици со пари што државата ги исплати како помош за време на кризата со корона, но многумина се многу внимателни бидејќи многу ученици немаат соодветен пристап до интернет во своите домови, па затоа се многу внимателни да не остане никој без пристап до еднаков квалитет на наставата што го имаат сите други.
Од друга страна, во Германија, учениците можат да го завршат своето образование без каква било форма на задолжителна дигитална настава. Некои родители таму се загрижени дека нивните деца нема да можат да се натпреваруваат на пазарот на трудот со технички подобро обучени деца од други земји.
Саша Лобо, германски публицист и консултант кој се фокусира на Интернет, во неодамнешното интервју за ЗДФ силно се залагал за итна дигитализација на наставата бидејќи мисли дека во спротивно германските ученици ќе заостанат зад своите европски колеги.
„Ако не успееме да го дигитализираме образованието и да научиме како функционира дигитализацијата, веќе нема да бидеме просперитетна земја за 20 години“, рекол Лобо.
Инвестиција од повеќе од 100 милиони евра
Со цел да се надмине падот на вештините за читање, шведските власти најавуваат дека годинава ќе инвестираат околу 60 милиони евра за купување книги кои ќе бидат дистрибуирани до училишните библиотеки, а уште 42 милиони евра во следните две години за побрзо враќање на класичните учебници во училиштата.
Сепак, не се сите експерти таму убедени дека враќањето на Шведска на традиционалниот пристап е единствено во најдобар интерес на учениците. Критикувањето на ефектите од технологијата „е популарен потег кај конзервативните политичари“, вели Нил Селвин, професор по образование на Универзитетот Монаш во Мелбурн, Австралија. „Тоа е итар начин да се сигнализира посветеноста на традиционалните вредности“, додава тој.
„Шведската влада има добар аргумент кога вели дека нема докази дека технологијата го подобрува учењето, но мислам дека тоа е затоа што воопшто нема докази за тоа што технологијата може да направи. „Технологијата е само еден дел од навистина сложената мрежа на фактори во образовниот процес“, додал Селвин.