Илинка Скаловска е млада македонска музичарка која завршила дипломски и постдипломски студии по пеење, хорско диригирање и композиција на престижни музички конзерваториуми во Италија. Талентот што го носи во себе е дел од семејното наследство, а љубовта кон уметноста ѝ била пренесена природно – како дел од нејзиниот идентитет.
Уште од најрано детство го чувствувала пулсот на музиката како нешто природно и блиско.
Пораснала со својот дедо Тодор Скаловски, истакнат македонски композитор, хорски и симфониски диригент и автор на голем број вокални, вокално-инструментални и сценски композиции, човек кој е творец на музиката за државната химна, но и на детскиот евергрин „Елко Елко“, иако во тој период од своето детство не била свесна за неговото културно значење.
За мене беше само мил и весел дедо кој секогаш се трудеше да ме израдува
„Имав среќа целото мое детство да го поминам со дедо ми, бидејќи тој живееше долго. Можам да кажам дека беше најпрекрасниот дедо што постои и навистина ми донесе многу радост во секој миг поминат со него. Иако бев запознаена со фактот дека дедо ми е значаен музичар, како дете не го доживував како познат композитор. Повеќе го гледав како еден весел и мил дедо кој постојано се трудеше да ме израдува.
Секако, песната „Елко Елко“, која е еден детски евергрин и чиј автор е токму мојот дедо, секогаш се пееше кај нас дома. И државната химна ја знаев уште како мало дете и ми беше мило што дедо ми е тој кој музички ја обликувал, но за неговото музичко наследство и за неговото вистинско значење станав навистина свесна дури кога веќе бев средношколка“, искрена е Илинка.
Инаку, таа е средна по возраст од трите внуки на Тодор Скаловски, од неговиот син Денко Скаловски, за кој пак, Илинка тврди дека е роден пејач.
„Во моето семејство единствен кој приватно, аматерски се занимава со музика е мојот татко, кој исто така поседува голем музички талент и исклучителни вокални способности. За него би рекла дека е типичен пример за човек што би го нарекле „роден пејач“ – без потреба од школо“, открива нашата соговорничка.
Илинка вели дека не било лесно да се биде средно дете – „не си ни најстарото, првороденото, но не си ни најмалечкото, најгаленото. Сепак, повеќе се чувствував како постара сестра, бидејќи мојата помала сестра е многу помлада од мене, па честопати ја чував и внимавав на неа, што беше одговорно, но и многу весело и убаво“.
Музичкото патешествие го почнала на седумгодишна возраст
Со музика почнала да се занимава на седум години. Поточно, по иницијатива на нејзиниот дедо, дома почнала да добива приватни часови по клавир. Потоа почнала да пее во детскиот хор при МБУЦ, а извесно време учела и класичен балет.
„Мојото музичко школување продолжи во МБУЦ, каде што завршив и нижо и средно музичко, при што повеќе пати настапував – било како клавирски изведувач, било како хористка или хoрска диригентка. По завршувањето на средното училиште, образованието го продолжив во неколку градови во Италија, каде што магистрирав хорско диригирање, пеење и композиција“, вели Илинка.
По враќањето во Македонија, првата песна што ја обработува е народната „Ој месечино“, на која ѝ дава свој аранжман. Оттогаш инспирацијата не престанува.
„Музичка инспирација добивам од различни нешта, ме влечат различни музички стилови, и токму затоа сметам дека филмската музика е една убава гранка во која се спојуваат разновидни музички елементи и се поврзуваат со драмско дејствие. Во моментов најмногу творам на полето на народната и класичната музика, а ми се допаѓа и да правам синтеза меѓу двата жанра“, вели Илинка.
Презимето Скаловски не ѝ донело никакви придобивки во музичкиот живот, напротив!
Иако е внука на доајен на македонската музичка култура, тоа досега не ѝ донело конкретна поддршка, напротив.
„За жал, тоа што сум потомок на еден од доајените на македонската музичка култура не игра никаква позитивна улога во мојот музички живот. Никогаш не сум добила некаква поддршка благодарение на тоа. Некогаш дури мислам дека има и негативен ефект и тоа што имам познат предок станува предмет на завист“, вели оваа талентирана музичарка која освен што компонира и пее, знае и да свири на повеќе инструменти: пијано, тамбура, тапан и дајре, а планира да научи и други.
„Сигурна сум дека во иднина ќе научам и други инструменти, бидејќи секогаш ми се допаѓало да изведувам музика со различен музички звук. Секој инструмент е автентичен и дава поинаков израз на музичкиот јазик. А и мошне е корисно, кога човек компонира музика, да познава што повеќе инструменти“, објаснува Илинка.
Во домот каде што пораснала се слушала класична музика, но и други жанрови. Особено ја инспирира народната музика, која ја гледа како наша културна одлика, но не е наклонета кон турбо-фолкот, кој го смета за неумесно претставување на нашиот фолклор.
„Мојот музички стил е автентичен – вклучува елементи од народната музика, но имам и композиции во чист класичен стил“, вели Илинка.
Досега има објавено седум композиции, дел се аранжмани на народни песни, а дел авторски дела. Планира албум и да продолжи со своето композиторско и изведувачко творештво, збогатувајќи ја нашата класична и народна музика со нови оригинални дела кои ќе бидат уживање за публиката кај нас, но и во странство. Би сакала нејзините дела да бидат дел и од некој филмски проект.
Настапувала и во Македонија и во Италија, како диригентка, пијанистка или хористка, а во последните години имала и соло вокални настапи.
„Сите во моето семејство се многу горди на мене, а честопати учествуваат и во подготовките на моите спотови. Особено беше ангажирана мојата помлада сестра, која учествуваше во неколку видеа, а и некои мои пријатели беа вклучени во снимањата. Понекогаш ми е жал што дедо ми, Тодор Скаловски, не е повеќе жив за да ги види моите достигнувања. Сигурна сум дека би бил горд“, вели Илинка за која, во музиката се најважни талентот и изразот, додека физичкиот изглед е небитен.
„Ако се потпираме само на физичката убавина, без песната да има музичка вредност и длабочина – тоа е површно и неуметнички, како „слика без тон“. Сепак, кога станува збор за снимање спотови, од голема полза е и убаво да се изгледа, а и костимите што се носат да бидат пријатни за гледање. Така, визуелната убавина, кога е споена со музика, создава целосно уметничко дело“, завршува нашата убава соговорничка.