Симптоми на рак на дојка: Како да го препознаете кај жените и кај мажите?

Ракот на дојката е малигно заболување при кое клетките кои ја сочинуваат дојката почнуваат да се размножуваат, растат и неконтролирано да се шират.

Ракот на дојката, исто така, има потенцијал да се прошири на други делови од телото преку крвта или лимфните садови.

Ракот на дојка е по зачестеност на прво место кај жените во однос на новодијагностицираните малигни заболувања, а зазема трето место како причина за смрт од сите тумори.

Затоа е важно да се внимава на симптомите на рак на дојка.

Октомври е месец на борба против ракот на дојка, кога јавноста се предупредува за важноста од неговото рано откривање, превенција од оваа болест и навремено лекување.

Националната програма за рано откривање на рак на дојка ги повикува сите жени на возраст од 50-69 години да направат мамографски преглед на дојките.

Симптоми на рак на дојка

Според Американското здружение за рак, следните промени на дојката може да бидат симптоми на рак на дојка:

отекување на целата или дел од дојката

иритација на кожата на дојката

болка во градите

болка во брадавицата или вртење на брадавицата навнатре

црвенило, лупење или задебелување на кожата на брадавиците или градите

исцедок од брадавиците што личи на крв или друга боја

грутка во пределот на пазувите.

Овие промени може да бидат и знаци за помалку сериозни состојби, како што се воспаление на дојката или циста.

Кога станува збор за рак на дојка, симптомите варираат во голема мера, што значи дека многу случаи на рак на дојка немаат очигледни симптоми.

Во некои случаи, грутката може да биде премногу мала за да се почувствува и се открива на мамограм за време на скрининг за рак, што доведува до дополнително тестирање.

Кои се симптомите на рак на дојка кај жените, а кои кај мажите?

Првите симптоми на рак на дојка кај жените често вклучуваат нова грутка или маса во градите или под пазувите.

Грутка која е безболна, тврда и има нерамни рабови, веројатно ќе биде првиот симптом на рак на дојка.

Понекогаш може да биде и болна, мека и заоблена.

Околу 1% од ракот на дојка се јавува кај мажи.

Со оглед на тоа што е многу ретка состојба кај мажите, симптомите се забележуваат доцна. Симптомите на рак на дојка кај мажите обично се:

грутка на дојката или во пазувите

промени во кожата на дојката или брадавицата, како што се црвенило, истегнување, лупење или исцедок.

Паџетовата болест на брадавицата често се јавува заедно со дуктален карцином.

Тоа влијае на кожата на брадавицата и ареолата.

Симптомите може да бидат:

лушпеста и црвена кожа на брадавиците

крвав или жолт исцедок од брадавицата

рамна или свртена брадавица

пецкање или јадеж околу брадавицата.

Месечното самопрегледување на градите е најдобриот начин да забележите какви било промени во вашите гради.

Ако забележите некој од овие симптоми, контактирајте го вашиот лекар за преглед.

Жените постари од 40 години или жените со висок ризик од развој на рак на дојка треба да подлежат на мамографија и преглед на дојка.

Колку порано се открие и дијагностицира ракот на дојката, толку се поголеми шансите за успешно лекување.

октомврирак на дојкасимптоми на рак на дојка