Скратениот френулум може да предизвика проблеми со доењето и говорот, но лесно се решава

Иако звучи како нешто многу стручно и комплицирано, скратениот френулум во огромното мнозинство на случаи е всушност многу лесно решлив проблем.

Доколку, пак, не се реши, може да му направи проблеми на бебето, прво со доењето, а подоцна и со говорот.

Најчесто се забележува веќе во породилното одделение, па се препорачува лесна и брза процедура за брзо решавање на овој проблем.

Накусо, станува збор за скратена подјазична ресичка односно за ресичката што се гледа кога јазикот е подигнат кон горното непце.

Ако френулумот е прекраток или е поместен премногу кон предниот дел на јазикот, тоа се забележува многу брзо, но ако не е екстремно краток, можете да почекате да видите дали ќе му направи проблеми на детето или не.

Понекогаш скратениот френулум се забележува само за време на доењето, бидејќи бебето со овој проблем може да има потешкотии со цицањето.

Скратена подјазична ресичка се јавува кај приближно 4 до 11 проценти од децата, а истражувањата покажале дека склоноста кон тоа е наследна.

Почесто се јавува кај момчињата, а поретко кај девојчињата. Кај некои бебиња може да биде само малку скратена, додека кај други може да се протега сè до врвот на јазикот. Тогаш јазикот може да добие облик на срце, бидејќи френулумот го повлекува јазикот назад.

Инаку, во устата постојат уште френулуми, односно ресички, на усните. Френулумот ја зацврстува горната и долната усна, како и јазикот.

Поблагите форми на скратен френулум можат сами да се коригираат во текот на првите шест недели, бидејќи структурата на усната шуплина се менува и некои деца се прилагодуваат и се навикнуваат на скратениот френулум.

Меѓутоа, бидејќи скратениот френулум сè уште бара различни движења на јазикот, тоа може да предизвика проблеми кај некои бебиња, а подоцна – како што веќе споменавме, со цицање, јадење, зборување, па дури и со денталната хигиена.

Проблеми поради скратен френулум

Што се однесува до говорот, овој проблем може да биде нешто што бара работа со логопед, а не го спречува детето во усвојувањето зборови и говор. Проблематични се само некои звуци, за кои треба да го кренеме јазикот кон горните заби – особено т, д, н, л и некои други, во зависност од степенот на проблемот што го има детето.

Сè уште не е утврдено дали скратениот френулум влијае на почестата појава на кариес, поради непристапноста на предните долни заби, но на тоа треба да се посвети посебно внимание, бидејќи е тешко да се одржува хигиената на тоа подрачје.

Ако сте загрижени дали вашите проблеми со доењето се поврзани со проблемот со френулумот, еве неколку знаци кои би можеле да укажуваат на тоа:

Детето постојано го прекинува цицањето додека јаде.
Има звук на кликање при цицање.
Детето не напредува или премногу бавно добива на тежина
Чувствувате болка во брадавиците додека доите.
Додека детето цица, млекото му истекува од устата на аглите. (Причината за ова може да биде и прекумерна количина млеко.)

Што е френулотомија?
Френулотомија е операција која го решава проблемот со скратениот френулум.

Се одвива под локална анестезија, а лекарот едноставно го пресекува френулумот, односно подјазичната ресичка.

Потребно е исклучително кратко време, па многу лекари го вршат амбулантски.

Сепак, понекогаш родителите се упатуваат на орален хирург.

Порано оваа процедура се правела многу почесто, додека денес е релативно контроверзна тема. Иако процедурата е многу едноставна и нема голем ризик, сепак е хируршка процедура, па многумина тврдат дека е непотребно однапред да се прави френулотомија, за да се избегнат потенцијални проблеми со хранењето или поради изгледот.

бебеподјазична ресичкафренулум