Снежана Јанковиќ се запишала во извидници уште во 1999 година, додека сѐ уште одела во основно училиште и сега, како возрасна жена, успеала да ја спои таа своја љубов кон природата, активизмот и извидниците со својата професија, педагогијата.
Кога почнала да оди во извидници се сеќава дека не знаела ништо за тоа, но бидејќи се запишале во извидници многу деца од нејзиното училиште, решила да се запише и таа.
„Еден ден се решивме со другарките и само се појавивме во Домче – Прв Скопски Извиднички Одред (ПСИО). Првите години секако беа насочени кон многу активности, одевме на кампови и учевме да поставуваме шатори, да готвиме, да играме скаут бол, правевме акции за добри дела, натпревари, се дружевме и се запознававме со извидници од цела земја, влегувавме во приказната на извидничкиот живот и сето тоа со некоја, за мене тогаш како дете и млад човек, не многу јасна идеја дека создаваме подобар свет“, почнува да ја раскажува Снежана својата извидничка приказна.
Во меѓувреме, секако, пораснала, завршила педагошки факултет, а желбата за работа и едукација на деца успеала да ја исполни токму преку извидничкиот живот.
„Бев водач на неколку генерации извидници на кои сум горда бидејќи сега се исполнети личности и општествено одговорни граѓани. Дефинитивно живеам како извидник и по она наше извидничко мото – еднаш извидник засекогаш извидник“, вели нашата соговорничка.
Пред околу 7 години, со поддршка на родители на извидници се доедуцирала и си овозможила дури и да се вработи во овој свет и да си го спои, како што вели, најубавото нешто што ѝ се случило, со професијата.
„Почнав да работам како координатор на програми во мојот матичен извиднички одред ПСИО, а еве денес сум генерален секретар на Сојуз на извидници на Македонија, па имам шанса да работам и да создавам за сите извидници од земјава – околу 3.000 активни деца и млади“, вели таа.
Името на Снежана, иако е во извидници речиси цел живот, сите го дознавме од видеото со малиот Петар и грашокот, преку една од неговите резигнирани реченици: „… таа Снежана мисли ние така, за грашок ќе се мачиме толку…“.
И кога неодамна, на информативниот и промотивен настан за зелени идеи 2024 кај нашите пријатели од АРНО (@arno.org.mk), ја најавија како Снежана од видеото со грашокот на Петар, си реков, редно е да ни раскаже нешто повеќе за животот на извидниците и за тоа дали низ годиниве често се среќавала со, условно кажано, проблематични деца, односно, такви кои не сакаат да јадат од тоа што го јадат другите или не сакаат да мрднат ниту чекор повеќе иако не сте стасале до целта и, секако, како се справува со нив.
„Со оглед на тоа дека и јас како мала не јадев баш секогаш сѐ, не можам да кажам ништо на ваквите реченици. Сите имаме нешто што многу сакаме да го јадеме и нешто што баш и не го сакаме. Јас лично, така ме има воспитано дедо ми, многу ја ценам и почитувам храната и навистина не ми е сеедно кога останува или се фрла…
Во однос на нашиот славен грашок, секогаш мора во текот на денот да имаме топол, течен оброк и секогаш е тоа гравче, ама баш тогаш решивме да биде грашок и се погоди Петар да не јаде грашок, па ете, ја насмеавме спонтано целата држава“, се смее Снежана.
Инаку, кога станува збор за храна, вели дека со извидници се јаде сето она што обично го јадеме и дома, јајца, пржени лепчиња, грав, грашок, бургери, стекови, макарони, некогаш, кога имаат услови, прават и пици, зависно од тоа каде се локациски и со што располага кујната.
„На 11-тата Смотра на Сојуз на извидници на Македонија 2023 година, кадешто бев одговорна за програмата, имавме работилница поддржана од АРМ и знам дека „береа“ скакулци и ги пржеа во тавче, наводно биле вкусни како чипс со вкус на пилешко, но не ги пробав. Не јадам необична храна, затоа и го разбирам Петар кога не јаде грашок“, вели таа.
Сепак, Снежана смета дека нема проблематични деца и дека за нивното однесување се одговорни родителите, училиштето и извидничката средина за оние кои одат во извидници и за кои извидниците се како втора фамилија. Но тврди и дека се комплетно различни во овие три средини.
„На извиднички средби и кампови сите сме исти и сите заеднички работиме за да имаме што е можно позабавен и едукативен престој во природа. Кај нас садови си мијат сите, од 6 до 26 години, шатор си отвораат сами, помагаат сите во подготовка на храна, носење дрва за логорски, сите стануваме во исто време, утринска гимнастика, појадок, се слушаме и се почитуваме без оглед на возраста. Родителите на нашите извидници веќе знаат дека кога одиме некаде не треба да им ставаат разни грицки и чоколади на децата во ранец, а доколку сакаат, тогаш тоа мора да биде во доволна количина за да може да се подели буквално со сите присутни извидници, а дури и ако се тоа 70, 80, 90 на број“, вели Снежана.
Таа засега нема свои деца, но за свои деца си ги смета сите деца од извидници. Нејзините родители и најблиски ретко ја гледаат бидејќи е постојано некаде, на различни активности со извидниците.
„Моите често ми велат: ‘аман кај си па сега со тие твоите извидници?’
Но неретко и нив знам да ги ангажирам кога ни треба помош и поддршка за настани. И не само нив, туку и пријатели и сѐ живо што познавам се трудам да го вклучам со цел поддршка на извидниците, бидејќи тоа се млади луѓе кои навистина веруваат дека прават добро и се надеваат на добри и позитивни промени. Токму и заради ова и сум постојано во тренд со новите промени и трендови меѓу младите, па ме држи духот“, вели Снежана која има и доста анегдоти со извидниците.
„Постојано имам смешни моменти со извиднициве, ама пред некој ден се потсетив на една. Бевме на бивак во Градовци, напуштено село без жители и учевме пионерство – правење корисни реквизити со помош на дрво и јаже. Им имав дадено задача по групи на помалите извидници да се прошетаат околу домот каде што бевме сместени за да најдат дрва и да ги донесат во двор за да си изградат капија, клупа, огниште, корпа за отпадоци и сл.
По извесно 4-5 од нив се вратија со 20-тина идентични дрва и јас цела збунета ги прашав од каде ги нашле. Ми рекоа дека биле веднаш под патот, околу една куќа и требало малку само да ги откопаат. Тогаш сфатив дека всушност ја извадиле оградата од некоја викенд куќичка. Беше пресмешно. Секако, морав да одам со нив назад и уредно да ги вратиме таму од кадешто ги имаа земено“, сподели Снежана.
Омилен настани ѝ бил RoverWay 2006, европски собир на извидници, настан за категорија на извидници над 18 години.
„Четири дена одевме пеш или со точаци од Бари до огромна ливада близу Фиренца кадешто се најдовме со уште 5.000 извидници од цела Европа, фантастично искуство. Ги сакам сите интернационални собири на извидници, бидејќи запознавам луѓе од повеќе од 180 земји низ светот. Моментално, на светско ниво, активни сме околу 60 милиони, сите со исти вредности, исти обележја и иста култура на живот, без разлика дали си од Македонија, Тринидад и Тобаго, Куала Лумпур, Португалија, Кенија, Чиле…
Ако се направи споредба на денешните со извидниците од мое време, вредностите се исти ама има огромна разлика. Пред сѐ, ова се однесува на опремата и реквизитите. Еве најпрост пример – порано имавме шатори со шипки, тешки и претешки за носење, па уште ако фати дожд и се намокри материјалот, ужас. Сега еден шатор тежи 2-3 килограми без оглед дали е наврнат или не. Тоа е во однос на материјалната разлика.
Друга разлика е онаа која се однесува на комуникацијата и слободното време. Денес децата и младите се постојано зафатени, само трчаат од една на друга активност, континуирано се уморни, одат на часови по не знам какви се дополнителни науки и за време на викендите, а немаат ни по 15 години. Се случува да имаме настани надвор од земјава, на некое убаво место, сите трошоци да се покриени, а да не се пријави никој…
Порано едвај чекавме да ни кажат дека ќе одиме некаде. Оние малку поголемите пак, се друга приказна, од презаситеност и лесна достапност до сѐ, имаат голем проблем со мотивација и мрза, среќа тоа е само додека да ги поттурнеш за нешто – после тоа, куќа ќе изградат“, вели Снежана.
Таа додава дека денес е проблем и тоа што младите кои сега треба да бидат водачи на новите генерации, масовно се селат во странство.
Да се биде извидник, вели таа, значи бројни придобивки и можности за личен раст, кои остануваат релевантни и денес исто како и во минатото.
„Пред сѐ, развој на карактерот, извидниците се фокусираат на развивање на лидерство, одговорност и интегритет. Овие вредности се безвременски. Тука е и стекнувањето вештини за снаодливост на отворено, кампување, пешачење, преку кои поттикнуваат врска со природата. Тука е и развивањето на чувство на граѓанска должност и општествена одговорност кое е исто толку важно денес како што било секогаш како дел од нашиот извиднички метод на работа. Секако, тука се и пријателствата кои се трајни бидејќи се создадени преку споделени искуства и работа. Во суштина, додека светот околу нас еволуира, безвременските принципи и вредности вградени во извидништвото остануваат конзистентни, порано, сега и во иднина“, тврди оваа посветена извидничка.
А за општествената одговорност на извидниците најголема потврда е и нивниот проект „Боренка“ кој сакаат да биде препознаен од сите луѓе.
Станува збор за најголемата волонтерска иницијатива за пошумување на опожарени подрачја во организација на Сојуз на извидници на Македонија, под покровителство на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Повеќе за ова можете да прочитате ТУКА.