Некои стареат на пет, некои на педесет, некои никогаш. Зависи кога се согласиле насмевката да ја заменат со обврска и страв.
Седам во паркот опкружен со група тригодишни деца, задолжена едно од нив да го сочувам и да го донесам дома. Се слушам како повторувам: застани, не оди таму, врати се, биди потивок, не трчај толку брзо, слези, не го фаќај, не е твое… а тие не обрнуваат внимание, туку трчаат, се смеат, врескаат, паѓаат. Среќни се, очите им светкаат, не знаат за замор, не мислат на тоа дека на играта мора да ѝ дојде крајот. Тие се вулкан на непоматена радост, јасен извор кој блика со сила, свети и се распрснува на сонцето во илјадници разнобојни честички.
А потоа ние ги воспитуваме. Им ги наметнуваме нормите кои важат во светот каде што живеат. Ги казнуваме, ги понижуваме и засрамуваме кога се спротивставуваат, кога се фрлаат на земја и удираат со раце и со нозе, викаат и бегаат од уздите што им се фрлаат. Ние веруваме дека тие се подобро воспитани ако се сериозни, послушни, доследни, вредни и љубезни. Пред сѐ, послушни. Затоа што од тоа почнува сѐ, од подготвеноста да се усвои правилото без протест. Така ги учиме. Да бидат прифатливи.
Не треба да се смеете премногу и без причина. Некој може да мисли дека сте немарни или луди. Да си ги извршувате обврските на време, прво обврски, па задоволство, а кога обврските ќе се намножат и немате време за никакво задоволство, не смеете да се буните, или да паднете во депресија затоа што на сите им е така, веројатно сте возрасни, сериозни и одговорни.
Ако прифатиш работа, не смееш да ја напуштиш, без разлика што ти е премногу тешко и што ти ја цица крвта, во спротивно си разгален, не си борец кој е подготвен да загине на браникот на остварување на зададената задача. Мора да бидете вредни. Ниту еден ден не смее да помине без работа, рано станување и трчање за сѐ да се заврши, без разлика колку таа работа е бесмислена. Најдобро е кога сте јавно вреден, кога на сите им кажувате колку сте вредни, станувате пред сите, ја префрлате скалата во сите дисциплини и се жалите што никој не го забележува тоа. Задолжително е да се биде љубезен, дури и во ситуации кога некој ви оди на нерви, кога е непријатен, досаден, лаже или е корумпиран. Се слушаат постарите, без разлика дали се постари по возраст, образование, функција или сила. Послушноста е особено ценета како движечка сила на националниот просперитет.
И така насмеаните тригодишници стануваат сериозни возрасни, намуртени, со дистанца, елегантно воздржани, подготвени на секаква команда, незадоволни затоа што животот не им го дал заслуженото за сите тие жртви. Тие се воспитани да бидат несреќни затоа што нивната цел не е во сегашниот момент, туку во потребата да стигнат до зацртаната иднина.
Тие не можат да уживаат додека не направат сè, додека не го исплатат долгот кон себе, семејството, куќата, улицата, земјата и сè што ги опкружува. Мора да лажат за да бидат прифатени, да ги кријат чувствата за да не бидат повредени. Затоа престануваат да се смеат, да трчаат без страв да не се сопнат, да паднат, да се повредат. Околината и животот ги учат да ги предвидат пречките и таму каде што ги нема, па однапред ги јаде, се штитат и засолнуваат. Така почнуваат да стареат, а возраста на секој е различна.
Некои стареат на пет, некои на педесет, некои никогаш. Зависи кога се согласиле насмевката да ја заменат со обврска и страв.
Престанале да се смеат. Почнале да слушаат.
Текстот е од ТУКА.