Судот во Италија одлучи: Децата не се обврзани да ги гледаат своите баби и дедовци ако не сакаат

Врховниот суд на Италија одлучи дека децата не мора да ги гледаат своите баби и дедовци ако не сакаат. Одлуката на Врховниот суд е резултат на жалбата на родителите на две деца против одлуката на понискиот суд, која ги принудила децата да поминуваат време со нивните баба и дедо, пишува The Guardian.

Повеќегодишниот случај во судот за малолетници во Милано го покренале бабата и дедото и вујкото од страна на таткото, кои се пожалиле дека не можат да ги видат децата „поради пречките што им ги поставуваат родителите“, со кои биле во семеен конфликт.

Бабaта и дедото победиле и во судот за малолетници и во апелациониот суд во Милано, кој во 2019 година наредил средби меѓу нив и децата во присуство на социјален работник, притоа предупредувајќи ги родителите на потенцијалната психолошка штета што им ја нанесуваат на децата со одбивање пристап до нивните роднини.

Родителите тврдеа дека децата не сакале да се видат со баба им и дедо им поради постојани семејни тензии, па поднеле жалба до Врховниот суд барајќи да ја укине одлуката.

Во својата пресуда, Врховниот суд заклучи дека „нема сомнеж дека децата ќе имаат корист од гледањето со своите роднини“, но и дека „нивните интереси мора да преовладуваат над интересите на бабите и дедовците“ и дека „не може да им се наметне несакана врска особено ако тие деца се способни да расудуваат и имаат наполнето 12 години“.

Според Законот за семејство воведен во Италија во 2006 година, детето има право да одржува врска со своите баба и дедо, дури и ако нивните родители се разделиле. Бабите и дедовците исто така имаат право да побараат од судот да утврди дали одлуката на родителот да им забрани пристап до нивните внуци е штетна за благосостојбата на детето и затоа е незаконска.