Евгенија Кони (28) со години е синоним за анорексија, многумина се исплашени за нејзиното здравје и како што велат, ги посетуваат нејзините профили на мрежите, за да проверат дали е воопшто жива. Таа стана популарна кога пред неколку години на социјалните мрежи почна да зборува за своите проблеми со анорексијата. Собра над 2 милиони следбеници на платформата Јутјуб, додека на Инстаграм моментално ја следат повеќе од 700 илјади луѓе.
Со оглед на тоа што на многу корисници на социјалните мрежи не им се допаднаа нејзините разголени фотографии на кои е нагласена нејзината многу слаба фигура, овојпат изреагира Тик Ток, каде што неодамна отвори профил и ѝ го избриша.
„Кога го видов нејзиниот официјален профил на ТикТок, срцето буквално ми слезе во стомакот. Ова е нејзиниот метод. Таа оди на секоја социјална мрежа и се промовира со поттикнување на луѓето во таа насока“, напишала една корисничка на ТикТок, која ги охрабрила другите да го пријават профилот на Евгенија.
И Евгенија се осврнала на оваа ситуација велејќи дека многумина сакаат да ја „уништат“.
„Знам дека има многу луѓе кои велат дека знаат зошто добив забрана. Всушност, јас не рекламирав ништо лошо. Поголемиот дел од моите содржини се за шминка или видеа на кои шетам или танцувам. Толку многу луѓе сакаат да ме уништат. Сакаат да ме исфрлат од социјалните мрежи засекогаш“, вели Евгенија.
Инаку уште со првата објава на Интернет оваа девојка која е висока 170 цм, а тешка околу 41 килограм, стана вирална. Таа зборува за шминката и за модата на Јутјуб, но мрежата која ја прослави се чини дека ја турка сè подлабоко во бездната, кога е во прашање нејзиното нарушување во исхраната.
Пред три години за малку ќе го загубела животот поради анорексија и ѝ била потребна стручна помош.
„Уште како помлада, секогаш бев слаба. Ме малтретираа на училиште. Тоа ме направи понесигурна. Со текот на времето губев се повеќе и повеќе килограми, но мислев дека е се во ред. Потоа, кога почнав да правам видеа и мојот канал растеше, некои луѓе почнаа да објавуваат видеа за моето тело. Беше навистина лошо за мене и се чувствував ужасно. Грижата за себе само се влошуваше, а јас не направив ништо за да почнам да менувам нешто, но имаше момент кога решив дека морам да си помогнам“, изјави Евгенија во интервју за јутјуберот Шејн Досон.
Иако е свесна дека има голем проблем, се уште не се опоравила. А јавноста е загрижена за нејзиното влијание врз младите и нивното ментално здравје, и сметаат дека промовира нездрав начин на живот и анорексија со самото тоа што не ја адресира состојбата со која се соочува.