Тетка Анета Кловнета, највеселиот кловн на светот живее во Охрид: Децата со посебни потреби се нејзина посебна љубов

Откако ја слушнавме приказната за реконструкцијата на рампата за лица со посебни потреби во рамките на инклузивната игротека „Радост“ во Охрид, решивме да се запознаеме одблизу со Анета Јованоска, жената за која ни кажаа дека го „истуркала“ овој проект до крајот, а која во Охрид и околината е најпозната како Тетка Анета Кловнета.
Сè почна од еден разговор со Светлана Динковски, наша сонародничка која живее во Лондон и е голем поддржувач на семејствата кои имаат деца со посебни потреби. Таа спомна дека за својот 60-ти роденден побарала од пријателите, наместо да ѝ купуваат подароци, да донираат средства кои таа потоа решила да ги намени за решавање на некој проблем со кои се соочуваат лицата со посебни потреби. Притоа, ја спомена Анета Јованоска без која, како што рече, ништо од ова немало да се реализира. Тие две се запознале при реализацијата на друг проект за поддршка на лицата со аутизам, па така заеднички решиле средствата кои ги собрала Светлана да се искористат за реконструирање на рампата за таа да може да ги исполни основните критериуми за користење на истата.


И така, ја побаравме госпоѓа Анета и не згрешивме! Станува збор за жена која во Охрид, па и пошироко, нема кој не ја знае, а особено е така кога станува збор за децата.
Станува збор за голема хуманитарка која сограѓаните, но и пошироко, низ државата, а најмногу децата ја препознаваат најмногу како тетка Анета Кловнета, бренд кој неодамна прославил и 20 години од „раѓањето“.

Нашата соговорничка Анета е по раѓање прилепчанка, но од 1979. живее во Охрид. Веќе 28 години е мажена за охриѓанецот Александар, мајка е на двајца возрасни синови Јован (27) и Јаков (23), а од пред дваипол месеци е и баба на малиот Матеј, внукот кој, како што вели, ѝ го подариле Јован и Маријана.

Едукатор, хуманитарец, волонтер и највесел кловн во градот

Во текот на животот Анета посветила доста време на неформално образование кое многу често си го финансира и самата, најчесто за личен развој, но и за помош во заедницата во различни сфери, образование, превентива, едукација на деца и млади, проекти за недискриминација преку локалната самоуправа и многу други проекти, за превенција од сексуално преносливи болести, од зависности, трговија со луѓе преку Црвен Крст, а се ангажирала и како едукатор, најчето преку моделот на Форум театар (театарска форма која дозволува низ интеракција со публиката да се пренесат информации и да се менуваат ставови и однесувања), кој лично го смета за најприфатлив за младата популација.

Сепак, најпрепознатлива е по својот бренд – Тетка Анета Кловнета, а бројот на деца кои своите најсреќни денови ги прославувале токму со неа, е огромен.
„Сега имам чест да присуствувам и на родендените на децата на „моите деца“ како што милувам да си ги наречам, сега веќе возрасни изградени личности со свои семејства. Најчесто на овие ангажмани сум сама, но моите деца уште од помала возраст беа мои помошници како водители на детски фестивали или како аниматори, а денес се веќе и партнери кога имаме поголеми настани кадешто се потребни и технички лица за организирање и реализација на поголеми проекти. Оваа сезона се појави потреба од повеќе аниматори истовремено и помошта ја добив од мојата сеста Ирена која работи во приватна градинка во Скопје, како и од мојата внука Ивана која почна да го учи занаетот“, вели Анета.

Благодарение на Анета, децата ја пеат македонската верзија на роденденската песна

Нашата соговорничка е особено горда на тоа што на децата во Охрид успеала да им ја наметне македонската верзија на роденденската песна за која пред две години е изработен и спот и тоа токму по повод 20. роденден на нејзиниот бренд – Тетка Анета Кловнета.

„Роденденската забава на Тетка Анета Кловнета се случи во игротеката „Смајли“ во присуство на голем број дечиња со ограничени способности и нивните родители од скоро сите организации од Охрид“, вели Анета. Имено, низ годините таа најголемо внимание им посветува токму на овие деца со посебни потреби и тие се нејзината најголема љубов.
„Децата со специфични потреби или ограничени способност се моја посебна љубов што ја носам од своето детство. Мојата мајка работеше во „Специјалната детска болница“ која за жал одамна не постои и таму го поминував скоро целиот летен распуст во дружба со тие посебни, но исти деца по давање и примање љубов. Волонтер сум во повеќе невладини организации кои за цел ја имаат оваа проблематика – поддршка на лицата со специфични потреби и ретки болести, но најмногу за подигање на свеста кај граѓаните за нивно прифаќање и поддршка, создавање на услови за полесно справување со предизвиците со кои секојдневно се соочуваат самите тие, но и нивните семејства. За жал, многу животни приказни каде главните актери биле паднатите ангели како што милувам да си ги наречам, се испреплетени со мојот живот, сите ми се подеднакво мили, но и подеднакво ми е болно за сите оние кои веќе станаа вистински ангелчиња“, раскажува нашата соговорничка.

Со ова станува појасен и нејзиниот ангажман околу реконструкцијата на рампата од почетокот на текстот, но и тоа што е таа често, како што вели, потсетник на институциите и организациите за реализација на некоја активност. Оттука и погрешниот впечаток дека таа „замешала“ прсти и во поставувањето на рампата на плажата Горица 3.
„Поставувањето на оваа рампа не е моја заслуга, јас бев само гласноговорник на социјалните мрежи, а тоа често го правам за различни проблематики. Што се однесува до рампата за инклузивната игротека за која зборувавме претходно, сакам посебно внимание да дадам на донацијата на Светлана бидејќи сметам дека тоа ќе биде одличен мотив и инспирација за повеќе луѓе да го направат истото. Проектот беше финансиски поддржан од почитуваната Светлана Динковски, Биби Мартин и мал процент од моја страна. А самиот проект за инклузивната игротека се спроведува од невладината организација ВОПС поддршка – Охрид, во рамките на програмата за регионален економски развој на Западен Балкан, финансиски е поддржан од ЕУ, а го спроведува програмата за развој на ОН, со поддршка од локалната самоуправа на град Охрид со обезбедување простор“, дообјаснува Анета.

Како всушност се родила Тетка Анета Кловнета?

Идејата да го создаде брендот на тетка Анета Кловнета пред сега веќе 22 години, се наметнала спонтано, кога во 2001. година ја отворила својата игротека „Весели бои“.
„При отварањето на мојата игротека, инаку, прва во Охрид, се појави потреба од аниматор, односно кловн за детските прослави кои ги организирав. Костимот ми го изработи професионален костимограф од Драмски театар Скопје и така започна мојата успешна приказна која и ден денес ги развеселува децата, но и возрасните на многу манифестации“, раскажува Анета Кловнета за своите почетоци.

За жал, приказната со „Весели бои“ траела само 2 години. Потоа следувал проект на локалната телевизија ТВМ насловен како „Весела броенка“ кој траел 3 сезони и го задржувал вниманието на 4 генерации пред малите екрани. Освен нејзиниот ангажман и улогата на Највеселиот кловн на светот, Анета била и волонтер во општинската организација на Црвен Крст Охрид, речиси две години работела во приватната градинка „Смајли“ како воспитувач во привремен престој и организатор на детски родендени, една година била вработена во заштитната организација во хотелот Далјан кој е во сопственост на Сојузот на Глуви и наглуви лица на Македонија, а во моментов, освен што продолжува со улогата на Тетка Анета Кловнета, таа ги чува и близнаците Алекс и Фреди кои се на возраст од 3 години и 8 месеци.

„Среќата од секоја дружба со деца е огромна бидејќи е обострана и максимално квалитетна. Со игра, едукација и креација си го поминуваме предвиденото време во зависност од пригодата. Децата со специфични потреби се често многу среќни кога се забавуваме заедно на детските родендени или други активности. Нивната радост и насмевката на нивните лица ми причинуваат особено задоволство и среќа. Обично реагираат со ентузијазам и среќа кога ги забавувам и кога создаваме заедно весели и незаборавни моменти. Како кловн, се обидувам да се прилагодам на потребите и способностите на секое дете и да го вклучам во игрите и активностите на начин што ќе му биде забавен и пријатен. Чувствувам големо задоволство кога успевам да ги разведрам и да создадам посебни спомени за нив и нивните семејства.


Секое дете е различно и има свој начин на реагирање, но за мене, нивната среќа и задоволство се најголема награда и ме мотивираат да продолжам со мојата работа и ангажман. Во присуството на овие деца, секогаш се чувствувам благословена и посакувам да продолжам да го правам светот подобро место за нив и за сите околу нив“, завршува Анета.
Нејзината порака до сите индивидуи и организации е да бидат општествено одговорни и од аспект на екологијата, но особено во однос на лицата со видлива или невидлива попреченост, нивно прифаќање и поддршка во секојдневното живеење.

ОхридТетка Анета Кловнетахуманитарка