Иако најчесто се јавува кај повозрасната популација, мозочниот удар не е исклучен ниту кај децата и тинејџерите. Така, 16-годишниот Итан Брус доживеал мозочен удар во јуни оваа година за време на тренинг во теретана, пренесува The Sun. Иако до тој момент бил сосема здрав млад човек, а се занимавал и со спорт, ненадејно добил мозочен удар кој му го превртел животот наопаку и нему и на неговите родители.
Неговиот татко Че изјави за Јоркшир Лајв дека бил шокиран кога дознал дека неговиот син доживеал мозочен удар бидејќи бил „совршено здраво момче“ кое лудувало по спорт.
Мозочниот удар е опасна по живот состојба која се јавува кога ќе се прекине снабдувањето со крв во мозокот. Причините за неговото појавување можат да бидат разновидни, а се зависи од тоа каде во мозокот се јавува оштетувањето. Што се однесува до Итан, мозочниот удар го оставил со значително оштетување во форма на нарушување наречено афазија, што резултира со неможност да ги разбере зборовите и јасно да комуницира. Имал проблеми и со краткотрајно губење на меморијата.
Поради сопственото трауматично искуство, овој татко сега апелира до сите родители да реагираат навреме при првите симптоми за да не го доживеат истото како него. А лекарите предупредуваат дека сè помладите луѓе го зголемуваат ризикот од мозочен удар поради нездравиот начин на живот. Тие наведуваат дека зголемен ризик имаат младите со прекумерна тежина, пушачите и оние кои често пијат. Другите ризици главно се поврзани со возраста, така што луѓето над 55 години имаат поголема веројатност да добијат мозочен удар.
Симптоми кои не треба да се игнорираат
Но, на кои симптоми треба да обрнете внимание? Лекарите нагласуваат дека најчестите знаци се опуштеност на едната страна од лицето, чувство на слабост во раката и отежнато зборување.
Нешто поретки симптоми вклучуваат силна главоболка, ненадејна слабост или вкочанетост на едната страна од телото, тешкотии при наоѓање зборови, ненадејно заматување или губење на видот, ненадејна конфузија, вртоглавица или нестабилност, тешкотии да се разбере што зборуваат другите и тешкотии при голтање. Сето ова, забележуваат лекарите, се знаци кои бараат итна реакција и да се побара лекарска помош.