Загрижувачкото зголемување на кратковидоста кај децата и младите се повеќе се поврзува со прекумерната употреба на дигитални уреди.
Експертите предупредуваат дека проблемот достигнува епидемиски размери и дека, според проценките, за 25 години, секое второ лице би можело да има проблеми со видот, пишува net.hr.
Дури и ако не претеруваат со технологијата, екраните сепак зафаќаат дел од нивното секојдневие.
Експертите истакнуваат дека проблемот не лежи само во должината на користењето на екранот, туку и во континуитетот и недостатокот на паузи. Во последните десет години, бројот на корисници на паметни телефони во светот се зголемил повеќекратно, а последиците стануваат сè појасни, особено кога станува збор за видот кај децата.
Освен кратковидост, тука е и сувото око кое се јавува затоа што трепкаме значително поретко кога гледаме во екрани, што доведува до сушење на површината на окото. Токму затоа лекарите ја нагласуваат важноста на ограничувањето на времето поминато пред екрани, особено кај најмладите. Децата до двегодишна возраст воопшто не треба да бидат изложени на екрани, до петгодишна возраст се препорачува максимум еден час дневно, а до дванаесетгодишна возраст ограничувањето е два часа.
Според хрватскиот институт за јавно здравје, миопијата со право може да се нарече епидемија, иако не е заразна болест.
„Доколку некоја болест се јавува значително почесто од вообичаеното, зборуваме за епидемија. Според проценките на Светската здравствена организација, до 2050 година, секое второ дете би можело да биде кратковидо“, предупредуваат од Хрватскиот институт за јавно здравје.
Особено алармантен пример е Азија, каде што процентот на кратковидни деца и млади луѓе во некои области достигнува до 90 проценти, со многу висок диоптер.
Децата таму поминуваат исклучително долго време учејќи, честопати остануваат во училиштата цел ден и оголемиот дел од времето работат одблизу – над книгите и екраните.
Експертите велат дека превенцијата постои и дека е едноставна, но бара дисциплина. Очите, како и остатокот од телото, имаат потреба од редовен одмор. Се препорачува да се поминуваат најмалку два часа на ден на дневна светлина, да се одржува соодветно растојание од екранот и да се прават чести паузи.
По 20 минути работа одблизу, треба да гледате во далечината најмалку 20 секунди. Екранот треба да биде оддалечен 30 до 40 сантиметри од вашите очи, а не притиснат на вашето лице, што децата често го прават, советуваат офталмолозите.
Истражувањата дополнително потврдуваат дека децата на возраст од шест до 11 години имаат помал ризик од развој на миопија ако поминуваат помеѓу 40 и 80 минути на отворено секој ден.
Заедно со поминувањето време на свеж воздух и ограничувањето на употребата на екран, лекарите ги поттикнуваат родителите да не ги прескокнуваат превентивните очни прегледи бидејќи раното откривање на проблемите може да спречи трајни последици.