Брачната двојка Душко и Милева Дрвошанови се заедно со децении, имаат возрасни ќерка и син, а имаат и внуче. Си собираат печурки, си прават зимници, се сакаат и почитуваат како првиот ден. Тој е професор во пензија, по малку и филозоф и поет и музичар, но најмногу од сѐ, сликар. Има 68 години, а почнал да слика на 36.
Целиот животен век го поминал како професор по стручните предмети мебел и ентериер во струмичкото средно техничко училиште „Никола Карев“, но постојано сликал и голем дел од нивните семејни приходи вложувал во сликарски материјали.
Неговата драга Милева е неговиот столб и поддршка, неговата муза и партнерка. За неа, пак, тој е најдобриот сликар на целиот свет. Со восхит го слуша кога ќе ја земе гитарата и никогаш не ѝ е доволно од неговите слики за кои, едноставно, во нивната куќа повеќе нема доволно ѕидови. Целиот свој живот, вели нашиот соговорник Душко, го поминал во родното Моноспитово, освен оној период додека учел средно и додека студирал на факултетот за дрвна индустрија во Скопје.
Во него живеат многу личности, па така, тука е и оној професорот во пензија и музичарот и поетот и филозофот, но најмногу од сите и од секогаш, доминирал токму оној сликар на природата која е неговата најголема инспирација.
Поголемиот дел од неговите слики настанале токму таму, во природата, или како што вели тој, на лице место, кадешто поминувал голем дел од слободното време. Тој и неговата Милева, меѓудругото, се и собирачи на плодови, посебно на печурки кои на планините околу Струмица ги има во изобилство.
„Уште додека бев на студии почнав да учам многу за печурките, најпрво за оние кои се јавуваат на дрво, епоксилните габи, а потоа продолжив понатаму да ги берам сите печурки што се јадат. Ова хоби го раширив и кај многу други луѓе, а планините секогаш ми беа на дофат. Токму тоа одење по планините пак, е најголемата инспирација во моето сликарство“, вели господин Душко
Оттука и на неговите слики најчесто се наоѓаат пејсажите нив кои минувал и на кои не можел да им одолее, а да не седне да ги наслика, понекогаш такви какви што се, а понекогаш такви какви што ги гледаат очите на уметникот.
Душко Дрвошанов кој со сликарство почнал да се занимава како хоби, слика веќе 32 години, а ова негово хоби веќе одамна прераснало во нешто многу повеќе од тоа, во посветеност, во љубов, во желба убавината што ја гледа пред себе, да ја задржи овековечувајќи ја на сликарското платно.
Ако го прашате како и зошто воопшто почнал да слика, низ насмевка ќе ви одговори: „Епа празни ни беа ѕидовите, па првата слика ја насликав за нас, поточно за мојата сопруга Милева. А потоа само продолжив да го правам тоа сѐ додека не ги наполнив сите ѕидови“.
И навистина, на нивните ѕидови веќе нема ниту едно слободно место, а неговите слики потпрени една врз друга се распослани низ сите простории во куќата кадешто чекаат некој да дојде, да ги види и да се вљуби во нив.
„Цело време низ животот сликањето ми беше дел од секојдневјето, но на почетокот сепак бев повеќе по музиката, свирам гитара, а пишував и текстови за песни, обично кога ќе се најдев во природа. На пример, имам една песна од подножјето на Беласица, во која е мојата филозофија на животот, а вели дека сите ние, луѓето, сме во заблуда. Чуден некој звук секогаш се слуша, тоа е планинскиот поток кој брза кон долината, а не знае дека среќата е во планината“, ни изрецитира господин Душко дел од својата филозофија преточена во стих, објаснувајќи дека со ова алудира на нас луѓето, на тоа што сите ние постојано некаде трчаме, а никогаш не стасуваме никаде посебно и дека единственото нешто што е важно во животот е токму тука и токму сега, како и дека е важно само тоа, да бидеме добри луѓе и да се трудиме да правиме добри дела.
А дека неговата филозофија се одразува на неговите слики се гледа токму од оние пејсажните, исполнети со она што во моментот го доживувал со своите сетила.
„Моите слики можеби и немаат голема уметничка вредност, тие се само црпење на енергија од природата, бидејќи обично ги сликам надвор и на лице место, иако имам и некои апстрактни кои се насликани во домашни услови. Сепак, она што ме обележува како уметник се моите пејсажи, оние насликани надвор, во природата, додека сум ги доживувал сите тие убавини во моментот, насликани токму во функција на убавините на секојдневјето. Додека вистинската уметничка слика е кога таа има порака, а такви имам навистина многу помалку“, објаснува нашиот соговорник.
Инаку, своите масла на платно, Дрвошанов ги има изложено само еднаш, во далечната 2003-та година, во Работничкиот универзитет во Струмица.
Желба му е дел од нив конечно да излезат од нивниот дом и да си го најдат своето место на некои нови празни ѕидови.