Кога вашето дете ќе ја достигне возраста кога ќе почне да се движи и да ги фаќа работите со рацете, за него се отвора сосема нов свет. Тие го откриваат светот околу себе на многу различни начини, вклучително и ставање во уста сè што ќе им дојде до рака. Имајќи го ова на ум, експертите ги издвоиле најчестите работи кои претставуваат опасност од гушење за малите деца, пренесува порталот „Mom“.
Храна
Кога мислиме на гушење кај децата, повеќето родители прво помислуваат на храна. Имено, ова е една од најчестите причини за задушување, предупредуваат експертите. Несреќен факт е податокот дека гушењето е четврта причина за ненамерна смрт кај децата под пет години.
Затоа, за да го заштитите вашето дете колку што можете повеќе за време на ужината и оброците, погрижете се целата храна што ќе му ја послужите да биде исечена на мали парчиња кои детето лесно може да ги џвака. Исто така, подобро е да избегнувате одредени видови храна. Тоа се намирници како виршли, пуканки, цели јаткасти плодови, сушено овошје, грозје и тврд сиров зеленчук или овошје.
Играчки
Покрај храната, голема опасност од гушење кај децата претставуваат и играчките, особено минијатурните или играчките кои се состојат од многу мали делови. Имено, постои опасност детето со оглед на тоа што во таканаречената „орална“ фаза става апсолутно сѐ во уста, да стави и парчиња играчки во устата. Тоа се претежно коцки, балони, кинетички песок, батерии, копчиња, мониста или други украсни предмети кои често се наоѓаат на детските играчки.
Домашни производи
Вообичаените предмети за домаќинството кои можат да претставуваат опасност за гушење вклучуваат завртки, клинци, батерии кои вообичаено се наоѓаат во далечинските управувачи, иглички, магнети, мали кесички со детергент, монети, лекови и храна за домашни миленици. Експертите затоа предупредуваат дека потенцијално опасните предмети треба да се чуваат подалеку од деца.