Повеќето родители ќе се согласат дека одвикнувањето од пелени е предизвикувачки процес, дури и кога детето е на возраст кога тоа се „очекува“. Но, една мајка тврди дека успеала да го постигне тоа кога нејзината ќерка Секвоја имала само три недели и тврди дека е многу полесно отколку што мислиме.
„Не можев да верувам колку брзо се навикнав на нејзиниот говор на телото и сигналите и почнав да реагирам кога е време за тоалет. Спротивно на популарното верување, бебињата навистина комуницираат кога треба да одат во тоалет. Ние обично не го препознаваме тоа – или едноставно го толкуваме како „нервоза““, објаснила таа.
Клое се колне во методот на елиминациска комуникација (англ. Elimination Communication – EC), односно препознавање на сигналите што детето ги дава кога треба да изврши нужда. Целта е детето многу рано да научи да користи нокшир.
„Менуваме можеби по две пелени дневно, а целиот процес ја зајакна нашата врска и ја продлабочи мојата интуиција кон неа“, додава Клое.
„Клучот е во доследноста“
Клое има 111 илјади следбеници со кои сподели како ова функционира во пракса.
„Секогаш ја ставам на нокшир веднаш штом ќе се разбуди наутро или после дремка. Секогаш го прави тоа во рок од 5 минути по будењето. Обично оди на нокшир пет до десет минути по хранењето. Освен тоа, таа природно мокри на околу 45 минути, а јас само го следам нејзиниот ритам. Откако ќе оди во тоалет, ѝ го покажувам воодушевувањето бурно и таа е пресреќна. Навистина ужива во тоа. Понекогаш седиме две до три минути додека не ја заврши работата“, истакнува таа.
Инфлуенсерката признава дека не може секогаш да предвиди кога ќе треба да ја стави на нокшир, „особено на почетокот“.
„Не е важно да се биде совршен, туку да се биде доследен“, заклучува таа.