Во Јапонија, културните очекувања постојано се всадуваат кај децата и во училиште и дома, поради што јапонското општество непречено функционира.
На пример, за време на пандемијата на коронавирусот, владата никогаш не наложи маски или карантини, но сепак мнозинството жители носеа маски за лице во јавност и се воздржуваа од излегување на преполни места. Јапонците имаат тенденција тивко да стојат во редици, да ги почитуваат сообраќајните сигнали и да чистат по себе за време на спортски и други настани, бидејќи се обучени да го прават тоа уште од градинка.
Така и носењето на гломазната училишна торба позната како рандосеру никој не им наложува на учениците да ја користат, но силните општествени норми ги наведуваат повеќето семејства да ја купуваат за своите деца.
„Носењето на рандосеру не е дури ни правило наметнато од никого, туку правило што го почитуваат сите заедно“, вели за Њујорк Тајмс, Шоко Фукушима, вонреден професор по образовна администрација на Технолошкиот институт Чиба.
Речиси секој ученик во основно училиште во Јапонија носи торба за книги позната како рандосеру, која е основен елемент од јапонското детство речиси 150 години.
Повеќе од обична училишна торба, рандосеруто е уникатен јапонски симбол, кој ги одразува конформизмот и доследноста што се длабоко вкоренети во културата.
Често рандосеруто го купуваат бабите и дедовците како подарок за спомен. Кожните верзии можат да бидат доста скапи, со просечна цена од околу 60.000 јени, или 380 долари.
Купувањето рандосеру е ритуал што започнува уште една година пред детето да тргне во прво одделение.
Секоја торба е составена од шест главни делови и потребни се околу еден месец за да се состави.
И покрај нивниот едноставен изглед, овие училишни ранци се направени со повеќе од 150 материјали и поминуваат низ повеќе од 300 чекори пред да бидат рачно доработени од мајстори.
Имаат рефлектирачки линии со цел возачите на автомобили подобро да ги гледаат децата кога се движат на улица.
Имаат ергономичен дизајн за да се намали притисокот врз грбот на децата. Во случај на земјотрес, дел од ранецот може да се искористи како заштита за главата, додека, пак, ако детето падне во вода, ранецот е дизајниран да го држи на површината.
Во поновите верзии ранците има вградено и ГПС-следач, па на тој начин родителите може да следат каде се движи нивното дете.
Ранците имаат рок на траење од 6 години, а ако се појави некој проблем, родителите може да се јават кај производителот за поправки – и тоа бесплатно.