Украинката Оксана Горкова од Киев која вчера стана мајка по вторпат и на свет донесе девојче во гинекологија Чаир каде што ја посети и министерот за здравство Беким Сали, во интервју за ТВ21 раскажува како стасала во Македонија. Вели дека во Македонија дошле кога почнала руската инвазија во Украина, бидејќи нејзиниот сопруг е од Свети Николе. Нивното патување од Киев до Скопје траело три дена.
„Бев во 39-тата недела кога почна сѐ, кога почна војната. Бев преплашена од сите евакуации, алармите и од тоа што ќе се случи, поради тоа одлучивме да заминеме, да дојдеме во Македонија за да можам да се породам и ништо да не влијае врз бебето или врз мене. Дојдовме со автомобил, патувавме 3 дена, односно 72 часа. Тешко беше, имаше гужва во сообраќајот, а граничните контроли се вистинско лудило“, вели Горкова.
Таа се надева дека состојбата во Украина наскоро ќе се подобри, за, како што вели, да можат да се вратат во нејзиното родно место.
„Секако, ќе треба да се вратиме во Украина, бидејќи таму оставивме сѐ. Имаме работа таму, сопругот работи таму, а и сестра ми. Кога состојбата ќе се подобри и кога ќе запрат сите воени дејствија ќе се вратиме“, вели Украинката Оксана.
Докторката што ја породила, Кристина Скераповска, вели дека бебето се родило со 3 килограми и 800 грама, а долго е 54 см. Се наоѓа во добра здравствена состојба и покрај тешкотиите низ кои поминала мајката неколку дена пред породувањето.
Лекарката Скераповска вели дека мајката и новороденчето ќе бидат пуштени од болница откако ќе ги поминат сите редовни контроли.