Украински лекар се обидува да спаси 19.000 ембриони

Откако првите руски бомби почнаа да паѓаат врз Украина, клиниките за ин витро оплодување и репродуктивно здравје ширум земјата беа принудени да ги затворат вратите и да ја остават иднината на многу семејства да виси на конец.

Пред почетокот на војната во Украина, д-р Валери Зукин, директор на клиниката Надија во Киев, доаѓал на работа и работел опкружен со 500 вработени, од кои 50-тина лекари. Сега кога ќе помине низ портите на една од најголемите клиники за ИВФ во земјата, тој е практично сам. Додека повеќето негови вработени ја напуштија земјата, тој одлучи да остане и да работи на координирање на транспортот на речиси 19.000 ембриони сместени во неговата клиника.

„Во моментов има неколку медицински сестри, чистачи и дел од техничкиот персонал, но повеќето од нашите лекари и медицински сестри ја напуштија земјата. Некои од нашите лекари се во Шведска, Полска, Германија, Франција, а дел од нив во западна Украина. „Многу малку луѓе останаа овде“, изјавил тој во телефонски разговор за Today.

Замрзнувањето на ембрионот е сложен процес

Пред војната, клиниката на д-р Зукин нудела различни услуги – ИВФ, донирање јајце клетки, избор на пол, ембриоскопија, банка за ембриони и вештачко оплодување. Тие би овозможувале повеќе од 1000 индивидуални ИВФ циклуси во текот на една година.

Сега Зукин е фокусиран на зачувување на одржливоста на замрзнатите ембриони и јајце клетки, што е исклучително тешка задача бидејќи проблемите со снабдувањето го отежнуваат добивањето соодветни количини течен азот.

„Кога луѓето размислуваат за замрзнување, обично станува збор за храна. Но, што се однесува до ембрионот, тоа е сосема поинаков процес”, објаснува репродуктивниот ендокринолог д-р Даниел Кенигсберг.

Тој додава дека кога ќе ставите нешто во замрзнувач, тој предмет се полни со вода. Се формираат кристали, но предметот на крајот ќе почне да пропаѓа поради содржината на вода.

„Кога замрзнувате ембриони или јајце клетки, водата прво се извлекува од нив и се заменува со криопротектор. Така, кога ќе ги замрзнете, тие немаат вода во себе и се замрзнати во течен азот“, забележува тој.

Додека течниот азот се надополнува секоја недела, ембрионите можат да останат замрзнати со години, па дури и со децении. Меѓутоа, ако снема течен азот, ембрионите ќе бидат уништени.

Тој изгубил контакт со повеќето пациенти на клиниката

Др. Зукин успеал да пренесе 1.000 ембриони на безбедно, некои во западна Украина, некои во странство. Тој требало да избере кои ќе ги транспортира врз основа на тоа кои се свежи и кои пациенти ќе можат да го продолжат лекувањето на друго место.

„Тоа беше тежок избор. Не спиев три дена“, вели тој.

Овој лекар сега од свој џеб плаќа течен азот и струја за клиниката за да ги одржи ембрионите.

„Го поддржувам животот и економијата е минимална препрека“, вели тој.

Го изгубил контактот со пациентите на клиниката. Некои остануваат во засолништа, други ја напуштиле земјата. Тој не знае како ненадејниот крај на каков било репродуктивен третман на кој биле подложени, влијаел врз луѓето физички, психички или емоционално.

„Ако некој започнал нов циклус на ИВФ, тој поминува низ 10 до 14 дена стимулација на јајниците. Кога некое лице нема да го заврши тој циклус со отстранување на јајце клетката, постои одреден медицински ризик од хиперстимулација на јајниците. Тие тогаш набабруваат и течноста што се користи за нивна стимулација може да истече во стомакот и другите делови од телото и да предизвика оток, болка, гадење, повраќање и зголемена жед“, објаснува д-р Зукин.

Тука е и проблемот со изгубеното време. Др. Кенигсберг истакнува дека жените стареат, а со тоа и се намалуваат нивните шанси да забременат.

„И има огромен емоционален фактор. Потребна е неверојатна емоционална сила за да се подготвите за оваа процедура, а кога треба нагло да ја прекинете поради која било причина, тоа е поразително“, забележува тој.

Што се однесува до доктор Зукин, тој нема намера да го напушти Киев. Вели дека ќе остане во неговата клиника и ќе продолжи да го координира трансферот на ембриони и да работи за да се осигура дека тие нема да бидат уништени под негова заштита.

Ukrainaембриониин витро