Вештачка интелигенција во играчките? Мател сè уште нема да стави во продажба ВИ играчка


Добро познатиот производител на играчки Мател, компанијата која стои зад брендовите Барби и Хот Вилс, одлучи да ги паузира плановите за развој на својата прва играчка напојувана со вештачка интелигенција, која требаше да биде создадена во соработка со OpenAI.

Одлуката доаѓа во услови на растечки предупредувања од експерти за негативните последици што ваквите играчки можат да ги имаат врз децата, од попречување на развојот до изложување на несоодветни теми, пишува Futurism.

Одложени планови

Мател потврди за Axios дека нивната прва играчка развиена со технологијата OpenAI нема да биде издадена пред крајот на годината, како што првично беше планирано.

– Немаме ништо планирано за празничната сезона – рече портпаролот на компанијата.

Тие исто така нагласија дека производот, откако ќе биде лансиран, нема да биде наменет за мали деца, со оглед на тоа што услугите на OpenAI во моментов се ограничени на корисници над 13 години.

Соработка која предизвика критики од самиот почеток
Кога Mattel објави „стратешко партнерство“ со OpenAI во јуни, извршниот директор на франшизата, Џош Силверман, рече дека „искористувањето на оваа неверојатна технологија ќе им овозможи навистина да ја преобликуваат иднината на играта“. Меѓутоа, веста веднаш беше дочекана со остри критики.

– Mattel треба веднаш да објави дека нема да ја вградуваат технологијата на вештачка интелигенција во детските играчки – рече Роберт Вајсман од Public Citizen.

– Децата немаат когнитивен капацитет во целост да ја разликуваат реалноста од играта.

Тој предупреди дека играчките со гласови кои наликуваат на човечките, можат да го поткопаат социјалниот развој на децата и да им предизвикаат долгорочна штета.

Останува да се види како Mattel и OpenAI ќе ја продолжат својата соработка, но секој иден производ ќе биде предмет на интензивен јавен надзор.