Во центарот на Загреб, позната инфлуенсерка отворила нова игротека и место за прослава на детски родендени наречена KidZona. Концептот е создаден од Маја Брлек Крмиќ и Синди Шоштариќ Хаџиќ.
Според хрватските медиуми, Маја имала богато претходно искуство во организирање, декорирање и водење настани, додека Синди била позната инфлуенсерка која ја следат повеќе од 100 илјади луѓе на социјалните мрежи и е експерт во областа на маркетингот, па дури и сопруга на инфлуенсер и претприемач.
Игротеката има шест различни зони наменети за истражување, учење и развој на децата. Пакетот кој го привлече нашето внимание, како и вниманието на поголем дел од хрватската јавност која наголемо зборува на оваа тема на социјалните мрежи е речиси 1300 евра за три часа.
Роденденскиот пакет вклучува шест зони за играње, караоке и сцена, грицки, сокови, катче за родители, подароци, покани, домаќин, забавувачи, торта, декорации и кловн или магионичар. Достапни се и други роденденски пакети, со цени од 670 или 870 евра, во зависност од тоа што вклучуваат. Доколку родителите се одлучат за овој пакет, можат да поканат 20 деца, додека во поевтините пакети, 10 или 15 деца за два часа играње.
Цените на роденденските пакети варираат од 650 до 690 евра, од 850 до 890 евра и од 1.250 до 1.290 евра. Пакетот „Ѕвезда“ (690 евра) вклучува основна прослава за 10 деца, трае два часа, има двајца забавувачи, класична торта и персонализирана позадина со балони.
Пакетот „Месечина“ (890 евра) нуди проширена верзија за 15 деца, со дополнителна позадина, персонализирани подароци за сите деца и пињата. Најобемниот пакет Sun (1290 евра) трае три часа, вклучува 20 деца, три забавувачи, персонализирана торта Vivas и дополнителни декорации како што се маса за пикник, знак за добредојде и балони со хелиум. Овој пакет вклучува и специјален додаток за забава со кловн или магионичар. Разликите меѓу пакетите главно се однесуваат на бројот на деца, времетраењето, бројот на забавувачи, тортата, подароците и нивото на декорации.
Цените исто така малку варираат во зависност од темата за роденден што ја избрало детето.
Кај нас пак, игротеките прво го наплаќаат просторот и тоа по цени од 3000 до 6000 денари.
Постојат различни концепти за прославата во зависност од возраста, а просторот најчесто се наплаќа за 2 часа.
Некои од игротеките во цената за изнајмувањето на просторот вклучуваат и грицки и сокчиња за децата, некои вклучуваат фотографии и електронски покани и персонал кој ќе ги надгледува децата, што секако зависи и од тоа дали е цената за изнајмување поскапа или поевтина.
Секако, пијалаците и храната се најчесто од игротеката и се наплаќаат како и свадбарските менија – по човек. Има игротеки во кои се плаќа за менија од похуваници и пилешки прсти и слични прженици, по цени од 320, 480 и 690 по лице доколку е бројот на гостите до 50 или нешто поевтино по лице доколку е над 50. Пијалаците се наплаќаат посебно, а некаде доколку немате направено сметка од барем 6000 денари само за пијалаци, сепак ќе треба да платите 6000.
Иако, веројатно нема да биде тешко да се достигне сумата од 6000 ако се земе предвид дека нема кафе под 150 денари, а не пак нешто друго.
Како и да е, ако пресметате, веројатно и кај нас најевтината опција со храна и пијалаци за децата и за возрасните гости би била околу 500 евра.
Во некои игротеки во роденденските пакети се вклучени и некакви работилници, но не успеавме да добиеме повеќе информации за содржината.
Значи, иако се цените поевтини од оние хрватските, сепак, за наши услови, ако сакате да го одбележите роденденот со тоа што ќе поканите и деца и возрасни и ќе сакате да ги послужите со нешто, не може да кажеме дека е баш евтино. Подгответе си доволно пари за по една мини „свадба“ секоја година.