Во кои земјите луѓето стареат најбавно, а во кои – најбрзо

Според неодамнешно истражување објавено во престижниот магазин Nature Medicine, Данска е земјата каде што луѓето стареат најбавно. Научниците утврдиле дека оваа земја има најдобри услови за побавно биолошко стареење – благодарение на поволната средина, социјалните околности и политичката стабилност.

Студијата анализирала над 160.000 луѓе од 40 земји за да спореди како различните фактори влијаат на процесот на стареење низ целиот свет.

Научниците ја користеле таканаречената biobehavioural age gap – алатка базирана на вештачка интелигенција која ја проценува разликата помеѓу нечија вистинска (хронолошка) возраст и предвидената биолошка возраст, врз основа на околината и ризиците на кои е изложено лицето. На пример, ако имате 50 години, но моделот врз основа на вашите услови предвидува дека имате 55, вашата „биолошко предиктивна разлика“ е 5 години – што укажува на забрзано стареење, пишува Science Focus.

Резултатите? Од четирите анализирани континенти – Африка, Азија, Европа и Јужна Америка – се покажало дека Европејците стареат најздраво. Од друга страна, забрзаното стареење е почесто во земјите со пониски приходи.

„Оваа студија е важна затоа што го редефинира стареењето – тоа не е само биолошки или животен процес, туку е длабоко поврзано со пошироките социјални и политички услови. Каде и како живеете може значително да го забрза или забави стареењето“, вели д-р Мортен Шајбе-Кнудсен, експерт за стареење на Универзитетот во Копенхаген, кој не бил директно вклучен во истражувањето.

Најбрзо стареење е забележано во Египет – каде што луѓето се во просек 4,75 години биолошки постари од нивната вистинска возраст. Следат Јужна Африка и јужноамериканските земји. Во Европа, побрзо стареење е забележано во источните и јужните региони.

Од друга страна, најбавното стареење е забележано во Данска – каде што луѓето се биолошки помлади во просек за 2,35 години. Следат Холандија и Финска.

Што ја прави земја како Данска погодна за здраво стареење?

Истражувачите откриле дека физичките фактори како што е квалитетот на воздухот играат клучна улога, но исто така и социјалните фактори – вклучувајќи ја родовата еднаквост и социо-економскиот статус.

Интересно е дека политичките фактори – како што се слободните избори, присуството на демократски институции, слободата на политичко дејствување и општото чувство дека политичарите дејствуваат во интерес на граѓаните – исто така имале важно влијание.
„Зошто политиката има такво влијание врз брзината на стареење останува голема мистерија“, вели д-р Шајбе-Кнудсен. „Можно е хроничниот стрес поради несигурноста и нееднаквоста во здравството да игра клучна улога.“

Студијата, исто така, открила дека луѓето со забрзано стареење имале осум пати поголема веројатност да имаат проблеми со секојдневните активности и четири пати поголема веројатност да доживеат когнитивен пад.

Сепак, истражувачите забележуваат дека овие врски се асоцијативни, а не причинско-последични. Сепак, резултатите ја истакнуваат важноста на инвестирањето во здравствена еднаквост на глобално ниво.

„Изненадувачки, негативните фактори имале посилно влијание од заштитните, а луѓето од посиромашните земји покажале значително побрзо стареење, без оглед на сопствениот социјален статус“, заклучува Шајбе-Кнудсен.

„Ова е уште еден силен аргумент за инвестирање во универзални системи како што се образованието и здравствената заштита – како клуч за поздраво население.“

истражувањесоцијален статуссрединастареење