Во првата година од животот на детето, родителите се караат дури 2.500 пати

Воспитувањето дете никогаш не е лесно, особено ако станувате родители за прв пат. Покрај тоа што доаѓањето на бебето го менува целиот ваш живот од темел, тоа влијае и на односот помеѓу вас и вашиот партнер. Истото го потврди и неодамнешното истражување на Channel Mum и The Baby Show, чии резултати покажуваат дека младите родители имаат дури 2.500 кавги во текот на првата година од животот на нивното дете.

Истражувањето во кое учествувале 2.000 родители покажало дека најчестите расправии меѓу младите родители се околу тоа кој е поуморен, кој ќе биде „дежурен“ со бебето следната вечер, а 16 отсто од паровите се караат и поради недостаток на сексуални односи.

Исто така, 17 отсто од родителите веруваат дека во првата година од животот на своето дете чувствуваат недостаток на љубов од партнерот, а 12 отсто од нив изјавиле дека до расправија доаѓа откако еден од партнерите ќе се обиде да иницира сексуални односи.

Остатокот од кавгите главно се сведуваат на неможноста да се координираат домашните обврски и грижата за детето, кои меѓу другото вклучуваат хранење, пресоблекување, нагаѓања за тоа колку детето треба да јаде и слични работи кои ги загрижуваат повеќето родители на почеток.

Што велат експертите?
Иако најчесто се работи за кавги кои брзо се решаваат и не претставуваат поголеми проблеми за паровите, кај пет проценти од нив сепак доаѓа до сериозно нарушување на врската, односно до развод.

„Навистина е тажно да се види колку парови раскинуваат во првите 12 месеци од родителството, што првенствено треба да биде еден од највозбудливите периоди во нивниот живот. Иако е прекрасен период, несомнено е дека е и исклучително стресен период кој носи промени во начинот на спиење, рутините и обврските, но на некој начин и навикнување на третото лице во куќата на кое му е потребна вашата постојана грижа и внимание“, објаснува Zoë Bonser, водителка на емисијата The Baby Show.

roditeliбебекавги