Водици: Подобро убави кумстарки отколку батки што се тепаат за крстот

На вчерашниот празник Водици, по крстот, како и секоја година, освен еднаш, во 2014-тата, се фрлаа само мажи.
Тој единствен пат кога тоа го стори жена која, патем, покрај 40 мажи во штипската река Брегалница, успеа да го фати крстот, за тоа се сними дури и филм. Филмот се вика „Господ постои и неговото име е Петрунија“, во режија на Теона Митевска.

Сепак, влегувањето на жените во осветените води за време на овој празник никогаш не стана масовно, а полемиките дали требало или не требало и тие да скокаат по крстот, велат упатените, се сосема беспредметни.
Имено, ова прашање воопшто нема подлабока теолошка основа и нема причина, кога жените учествуваат во Богојавленската литургија зошто да не можат да се фрлаат и по крстот.
Но проблемот е во тоа што целата религиска манифестација за Богојавление – Водици е изместена од суштината, па тие што се фрлаат не ни знаат зошто се фрлиле. Велат, за здравје и евентуално, за да земат некој телевизор, фрижидер или друг подарок.
Батките што по гаќи ќе се соблечат и ќе се испрчат пред свештеникот додека тој пее и ги осветува водите во кои ќе го фрли крстот, барем повеќето од нив, немаат поим која е суштината на влегувањето во осветените води. Не ни знаат дека фаќањето на крстот е најмалку важно.

И навистина нема причина за тепачки околу крстот и такви инциденти какви што се случуваат на овој голем верски празник.
Затоа и некако целата оваа манифестација баш и нема некој шарм.
Но, празнувањето на празникот во село Битуше, во Општината Маврово-Ростуше, кое во 2019 година беше прогласено за културно наследство од исклучително значење, е сосема друга приказна.
Главни ликови на оваа прослава се жените, познати како кумстарки, кои се облечени во оригинални и богати народни носии, некои стари и повеќе од сто години.
Кумстарките одат во поворка низ селото до црквата и пеат песни за здравје и благодат, а на главите носат табли со домашен леб.
Порано се меселе и се печеле и по повеќе од сто погачи, за да има доволно за целото село, а во поново време, иако се нарачуваат готови погачи, зачуван е обичајот првите пет леба да се замесат на Василица

Првите обичаи околу прославата почнуваат уште една година порано, поточно, на Св. Атанасиј (31 јануари), кога новите кумови во селската црква „Св. архангел Михаил“ свечено даваат збор дека тие ќе бидат носители на новото селско кумство, а за подготовка за големиот празник имаат на располагање цела година.
Во тој период, секој од новите кумови се труди да собере што поголем број жени и девојки, кои ќе бидат кумстарки, па се прават списоци на жените по роднинска и по пријателска основа кои би требало да се дел од нивното оро и со месеци однапред ги договараат.
Тоа што при прославата на Водици не се гледа, но што сепак, е дел од обредите, е борбата на двајцата кумови за поголем број кумстарки, односно, за тоа чие оро од кумстарки ќе биде поголемо, односно кое семејство ќе успее да собере поголем број жени.
И конечно, посебноста на Водици во Битуше е тоа што сè е во знакот на жените.
БитушеВодицикумстарки