Одењето во јасли или во градинка не е голема промена само за детето туку и за родителите. Иако мајките и татковците имаат напорен распоред, важно е тие да се однесуваат на одреден начин кога го носат или го земаат своето дете во и од градинка, во спротивно ризикуваат да бидат неомилени кај персоналот.
Воспитувачката Шерон Бирч за The Sun изјавила: „Вработените во градинката се грижат за вашите деца и добро ги познаваат. Некои деца поминуваат повеќе време во градинка отколку дома“. Посочува и дека има некои работи кои ги нервираат воспитувачите, а родителите често ги прават.
Доаѓање во пижами
Иако Бирч разбира дека понекогаш е тешко да се излезе од дома, тој истакнува дека носењето на детето во пижами не е добра навика и не придонесува за самодоверба. Оваа забелешка важи и за децата и за родителите.
Неносење резервна облека
Според Шерон, детето секогаш треба да има комплет резервна облека во плакарот. Во јаслите и градинките децата си играат, сликаат, поминуваат време во кал и песок и излегуваат на секакви временски услови, па им треба облека во која воспитувачките ќе можат да ги пресоблечат кога ќе се извалкаат.
Одолговлекување и задржување
„Една од најнепријатните работи што родителите можат да ја направат е да се задржат во градинката откако ќе го доведат своето дете. Анксиозноста поради одвојувањето е нормален дел од развојот на детето. Но, ако вашето дете оди во градинка, мора да заминете“, истакнува воспитувачката.
Таа ги советува родителите да им нагласат на своите деца дека ги чекаат пријатели и возбудливи активности, како и дека тие ќе се вратат.
„Важно е да останете позитивни, цврсти и убедливи“, забележува таа.
Озборувања
Бирч вели дека има родители кои доаѓаат во градинка и го озборуваат персоналот или другите родители.
„Ние сме сочувствителни, чувствителни и со разбирање. Можеме да помогнеме. Но, нема да озборуваме“, посочува таа.
Искрадување додека детето не гледа
Иако не се препорачува одложување, не е добар избор ниту прикраденото излегување додека детето не гледа. Бирч тврди дека заминувањето без збогум може да предизвика вознемиреност кај децата. Затоа предлага родителите секогаш да го поздравуваат своето дете бидејќи „тоа му помага да развие отпорност“.
Непроверување на детско шкафче или ранец
Доколку воспитувачките му ја пресоблекувале облеката на детето, ја спакувале мократа и валкана облека од претходниот ден, таа секогаш треба да се замени со чиста. Исто така, понекогаш ќе ви остават порака дека треба да донесете ново пакување пелени или влажни марамчиња за детето.
Неизвестување на градинката кога на детето не му е добро
Децата често се болни, но Шерон не поднесува кога родителите нема да го пријават тоа и ќе го донесат детето во градинка.
„Ако детето е навистина болно, ако има треска, најдобро место за него е неговиот дом. И ако оставите болно дете, верувајте ни ќе забележиме и најверојатно ќе ве контактираме по неколку часа“, вели таа.
Нејавување кој ќе дојде по детето
Доколку детето не го земаат родителите или лицата кои се на списокот даден од старателите во градинката, тогаш е важно да јавите дека некој друг ќе го земе детето. Во градинките постојат безбедносни протоколи кои вработените мора да ги почитуваат. Доколку персоналот не биде известен, тоа би можело да го спречи детето да си замине, што би можело да биде поголема непријатност за родителите.
Давање слатки и поткупување
Подмитувањето деца со бонбони речиси секогаш ги тера децата да го направат она што вие го барате, но Шерон вели дека родителите не треба да го прават тоа кога ги оставаат децата во градинка.
„Слатките рано наутро може да се користат како поткуп, но тоа значи дека вашето дете нема да појадува кога ќе дојде во градинка и ќе се држи до слатките. Ова е проблем бидејќи ниту едно друго дете не ги има истите слатки, а некои дури може да бидат алергични на одредени состојки“, тврди Бирч.
Доцнење
Конечно, и вработените во градинката имаат свои семејства и секој би сакал да знае кога ќе може да си оди дома. Не доцнете да го земете вашето дете. Ова исто така не е добро за него бидејќи може да се чувствува лошо ако често останува меѓу последните.