Раѓањето во вода е еден од најпознатите алтернативни методи на раѓање, кој е сè попопуларен во странство. Овој метод подразбира дека мајката е делумно во топла вода за време на трудничките болки и породувањето. Сепак, пред мајките да се одлучат за овој метод и да не одат во болница, гинекологот Сакси Гоел истакнала неколку предности и недостатоци на овој вид породување.
Предности на раѓање во вода
Како најголема предност на породувањето во вода, д-р Гоел укажува на намалената болка во однос на нормалното раѓање. Причината за тоа е што мускулите се помалку напнати поради релаксирачкиот ефект на топлата вода. Поради ова, „овој тип на раѓање може да биде поудобно и да бара помалку медицински техники за ублажување на болката“, истакнува докторката-гинеколог, пренесува The Times of India.
Таа додава дека овој тип на раѓање е многу поудобен. Мајките кои избираат да се породат во вода можат полесно да се движат и да најдат поза што повеќе им одговара при породувањето“, посочува докторката додавајќи дека тоа поттикнува поспонтан и подинамичен процес на породување.
Со породување во вода, постои помала веројатност за траума на перинеумот. За време на породувањето во вода, перинеумот станува поеластичен и помалку подложен на повреди, што на крајот може да ѝ помогне на мајката да закрепне побрзо по раѓањето, пишува The Times of India. Генерално, објаснува докторката, породувањето во вода помага во намалување на напнатоста и анксиозноста.
Недостатоци на породувањето во вода
Покрај бројните предности поради кои овој тип на раѓање изгледа како совршена опција, таа ги посочува и негативните страни кои мора да се земат предвид. Една од нив е можниот ризик од инфекција. Д-р Гоел објаснува дека „топлата вода може да содржи бактерии, зголемувајќи го ризикот од инфекција за мајката и бебето“.
А тука е и проблемот со потешка контрола на ситуацијата бидејќи е многу потешко да се следат мајката и детето при породувањето во вода. „Може да биде тешко за лекарите внимателно да го следат срцевиот ритам на фетусот и виталните знаци на мајката ако уредите за следење не работат правилно во водата“, објаснува таа.
Овој тип на раѓање, др. Гоел не го препорачува за жени кои имаат одредени медицински состојби или бремености со висок ризик. Таа додава дека трудниците треба да разговараат со своите лекари за да утврдат дали породувањето во вода е безбедно и соодветно за нивната ситуација. Исто така, во случај на можни компликации, многу е поголем ризикот за мајките и бебињата доколку не се породат во болница каде што имаат максимална грижа.